Кина ја одобри за употреба својата прва домашно произведена деветвалентна вакцина против хуман папилома вирус (ХПВ), објави Националната администрација за медицински производи, објави државната новинска агенција „Синхуа“.
Вакцината, наречена „цеколин 9“, е заеднички развиена од биомедицинската лабораторија „Сјанг Ан“, Универзитетот „Сјамен“ и компанијата „Вантаи БиоФарм“. Со тоа, Кина стана втората земја во светот, по САД, која независно произведува поливалентни вакцини против ХПВ.
Од 2019 година, вакцината помина низ пет клинички испитувања спроведени низ цела Кина, во кои учествуваа над 11.000 волонтери на возраст од девет до 45 години.
Резултатите од тестовите покажаа дека вакцината обезбедува силна заштита од ХПВ типови 16 и 18, истите соеви за кои се администрира бивалентната вакцина. Во исто време, новата вакцина штити и од уште пет типа на ХПВ вирус – 31, 33, 45, 52 и 58, а стапката на заштита е над 98 проценти во период подолг од 12 месеци, обезбедувајќи истовремено 100 проценти заштита од рак на грлото на матката.
Како што е наведено, за девојчиња на возраст од девет до 17 години, само две дози се доволни за да се создаде имунитет, додека на девојчињата на возраст меѓу 18 и 26 години им се потребни три дози.
Споредбената студија покажа дека новата кинеска вакцина обезбедува имунитет од најмалку 30 месеци во споредба со слични меѓународни производи, објави Синхуа.
Минатата година, Кина понуди бесплатна вакцинација против ХПВ за околу 40 проценти од девојчињата на возраст од 13 и 14 години, како дел од напорите за спречување на ракот на грлото на матката.