Русија или проруски елементи најверојатно се одговорни за протекувањето на доверливите американски воени документи објавени на социјалните мрежи кои даваат делумен преглед на војната во Украина, изјавија тројца американски претставници, додека Министерството за правда го истражува случајот.
– Се чини дека документите се изменети за да се направи бројот на руските жртви да изгледа помал – соопштија американските власти, додавајќи дека нивните проценки се неофицијални и одвоени од истрагата за самото протекување.
Првиот сет на документи означени како „доверливи“ или „строго доверливи“ циркулираа на платформи како Твитер и Телеграм, а датираат од 1 март. Втор сет документи се појавија на социјалните мрежи подоцна во петокот, кои се чини дека откриваат доверливи американски информации за Украина, Блискиот Исток и Кина, објави „Њујорк Тајмс“.
Не може да се потврди автентичноста на документите. Американското Министерство за правда доцна синоќа соопшти дека комуницира со Министерството за одбрана и дека отворило истрага за протекувањето, но не даде повеќе коментари.
Протекувањето на такви чувствителни документи е крајно невообичаено.
– Свесни сме за извештаите за објави на социјалните мрежи и Одделот за одбрана го разгледува случајот – рече портпаролката на Пентагон, Сабрина Синг.
Портпаролот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) рече дека агенцијата исто така знаела за објавите на социјалните мрежи и дека ги истражува наводите.
Според документот објавен на социјалните мрежи, меѓу 16.000 и 17.500 руски војници се убиени од почетокот на војната во Украина. САД веруваат дека реалната бројка е многу поголема, со околу 200.000 убиени или ранети Руси.
Протечените документи се чини дека не даваат никаков увид во воените планови на Киев.
Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, вчера изјави дека објавените документи содржеле „многу голема количина лажни информации“ и дека се чини дека случајот е руска дезинформативна операција чија цел е да подигне сомнеж за планирана украинска контраофанзива.
– Тоа се само стандардни елементи на оперативните игри на руските разузнавачки служби. И ништо повеќе – се вели во писмената изјава на Подољак.