Фото: „Нова Македонија“

Проширувањето на Европската Унија претставува геополитичка неопходност и е катализатор – порача заменик-министерката за европски прашања на Кипар Марилена Рауна и посочи дека проширувањето ќе биде еден од приоритетите на кипарското претседателство со ЕУ во првата половина на следната година, јави дописничката на МИА од Атина.

При пристигнувањето на неформалниот Совет за општи работи во Копенхаген таа рече дека темата на денешниот неформален состанок е мошне соодветна „од Копенхаген – во Копенхаген – и повторно во Копенхаген“, посочувајќи дека првите два се однесуваат на 1993 година, кога критериумите беа договорени токму во Копенхаген.

-Третиот „Копенхаген“ го означува времето во кое се наоѓаме сега и ова е време кога постои обновена динамика во процесот на проширување. Апсолутно е јасно дека проширувањето претставува геополитичка неопходност и е катализатор. Се однесува на проширување на безбедносниот и заштитниот простор, а заедно ќе дискутираме како процесот на постепена интеграција може да им помогне на земјите-кандидатки да напредуваат во пристапните преговори – рече кипарската заменик-министерка за европски прашања.

Станува збор, посочи таа, за процес што се темели на критериуми засновани на заслуги. Тоа е меѓувладина постапка што бара согласност од сите 27 земји-членки на ЕУ, а за земјите кои се обврзале да ги спроведат, Европската Унија се обврзува да им помогне да напредуваат во нивниот пристапен процес.

-На крај, сакам да истакнам дека со оглед на тоа што се подготвуваме за преземање на претседателството, проширувањето ќе биде еден од нашите приоритети, истакна Рауна.

Република Кипар ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ во јануари 2026 година.