Москва објави нов бран регрутирање резервисти и волонтери и нивно вклучување во обезбедување стратешки објекти и одбрана од беспилотни летала
Во Русија започна нов бран регрутирање на резервисти и волонтери заради обука за обезбедување стратешки објекти и спротивставување (извидување) на украински беспилотни летала. Мобилизацијата и регрутирањето, според рускиот весник „Комерсант“, се во тек во најмалку 20 региони – вклучувајќи ги и оние што се граничат со Украина. Од регрутите, според извори од медиумот, ќе бидат формирани единици за заштита на критичната/стратегиската инфраструктура: доброволните резервисти ќе добијат статус на воен персонал и „сите предвидени бенефиции, вклучително и социјално осигурување и плаќања“ за време на нивната служба.
Интересно е, според медиумот, дека започнатата кампања за регрутација и мобилизација опфаќа мошне широк опсег на возрасни категории: резервни војници и водници до 50 години, како и помлади и високи офицери до 60-65 години.
Засега, останува нејасно кои специфични/критични објекти и безбедносни зони ќе бидат вклучени во оваа програма – дали ќе ги опфаќа само пограничните области или целата територија на Русија. Исто така, интересно е дека планираниот број мобилизирани резервисти не е објавен, а исто така, нема информации за должината на службата на регрутираните и мобилизираните.
За потсетување, на 4 ноември, рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој им се наложува на граѓаните – резервисти на руските вооружени сили што го потпишале соодветниот договор – да учествуваат во „специјални собири“ за чување критични/стратегиски објекти не само во воено време туку и во мирно време. Документот предвидува користење вакви резервисти за заштита на витални објекти, енергетска и транспортна инфраструктура, како и за сузбивање беспилотни летала.
Според Андреј Картаполов, претседател на Комитетот за одбрана на државната дума, новите прописи ќе дозволат користење резервисти во пограничните региони, но и на територии што не се дел од Русија, туку се т.н. активни борбени зони.
Според руски извори (iStories), од април до јуни годинава, 37.900 луѓе потпишале договори за учество во војната против Украина – и тоа од една до две години. Според истиот извор, за споредба, во вториот квартал од 2024 година имало 92.800 такви договори. Р.С.

































