Како што е обичај, кога во Германија се избира нов канцелар, а во Франција претседател, првата посета е за соседната земја, веднаш по изборот. Така, новиот канцелар беше пречекан во Елисејската палата во средата, на првото патување во странство. И покрај пријателските зборови и желбата за оживување на француско-германската соработка, двајцата лидери покажаа ставови што традиционално се ставови на нивните земји, без разлика дали станува збор за одбраната, трговијата или за јавните трошоци
Откако беа покажани симболите на пријателството, сепак главната работа – со други зборови, најтешкиот дел – останува да се заврши за да се даде суштина на „оживувањето“ на француско-германскиот тандем. За нивната прва јавна средба во средата, на 7 мај, во Париз, новиот германски канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, со вистинско задоволство се погрижија да го организираат своето заедничко појавување на сцената.
И Емануел и Фридрих се потсетија на нивното „пријателство“ и нивната „длабока приврзаност“ кон „дарот“ на француско-германската соработка, за која се согласија дека треба повторно да се започне по речиси четирите неплодни години од мандатот на Олаф Шолц. Беа дадени скромни најави за поредовно одржување на француско-германскиот совет за одбрана, кој веќе постои, и ветување за пообемна соработка во различни области, вклучително и во одбраната, надвор од француско-германскиот проект за авиони и тенкови или за ракети со долг дострел.
Со нетрпение очекуваниот состанок беше засенет од тешкотиите со кои се соочи новиот канцелар претходниот ден за време на неговиот избор во Бундестагот, за што беа потребни два последователни круга гласање поради неуспехот да се добие мнозинство во првиот, што се протолкува дека Мерц влегува на функцијата веќе ослабен на внатрешен план. Неуспех делумно поврзан со пребегнувања во неговите сопствени трупи и кој го ослабува политички. До доцна во вторникот, сè уште не беше јасно дали новиот канцелар ќе може да патува во Париз и Варшава следниот ден, како што беше најавувано со недели.
– Ветив дека ќе бидам таму навреме – сепак се пошегува тој на англиски, поздравувајќи го Макрон на прагот на Елисејската палата во средата наутро.
И покрај пријателските зборови, двајцата лидери брзо покажаа ставови што традиционално се ставови на нивните земји, без разлика дали станува збор за одбраната, трговијата или јавните трошоци. Мерц, кој од парламентарните избори на 23 февруари зборува со многу проевропски став, понекогаш различен од оној на тенорите од неговата партија, на тој начин потсети на важноста од задржувањето на американскиот сојузник во Европа и во Германија.
Потврдени точки на совпаѓање и детектирани точки на раздвојување на политиките на Франција и Германија
Согласувања, но и фундаментални несогласувања меѓу Макрон и Мерц
„Најспорното прашање, според мене, беше улогата на Соединетите Американски Држави“, потврдува Јакоб Рос, специјалист за француско-германски односи во Германскиот совет за надворешни работи, истражувачки центар со седиште во Берлин, специјализиран за проучување на меѓународните односи. Фридрих Мерц, кој понекогаш во Берлин е опишан како „неоголист“, беше многу дефанзивен, повторувајќи дека Европа не може да го замени американскиот безбедносен апарат, туку само да го дополни. Тонот беше сосема различен од оној што го користеше во последните недели. Тој е свесен дека неговата администрација, а веројатно и дел од ЦДУ (Христијанско-демократската унија, неговата партија), останува на атлантистичката линија
Кога зборува за потребата од разговори со Париз и Лондон за споделување на нуклеарното одвраќање, Мерц го прави тоа „експлицитно“.
– Како дополнување на она што веќе го имаме со нашите американски партнери во рамките на НАТО токму сега – рече тој во средата за време на неговата заедничка прес-конференција со францускиот претседател. Накратко, дискусијата што ќе се отвори со Франција и Обединетото Кралство на оваа тема „нема цел да ги замени гаранциите што ѝ ги нудат Соединетите Американски Држави на Европа“.
Макрон, кој се залага за „поголема автономија за Стариот Континент“ во прашањата за одбрана, напротив, се потсети на својата анализа.
– Ние Европејците би погрешиле ако не земеме предвид дека овие историски движења кажуваат нешто и за геополитичките приоритети на нашите американски сојузници. Мора да преземеме одговорност… – одговори тој.
Запрашан за можноста за испорака на крстосувачки ракети „таурус“ на Киев, Мерц, кој беше за таква иницијатива за време на изборната кампања во Германија, ја одигра картата на избегнување, одбегнувајќи исто така да зборува за можното учество на неговата земја во европските „сили за уверување“ заедно со Украинците, во случај на прекин на огнот меѓу Киев и Москва – една од водечките иницијативи на Макрон во последните месеци, во тесна соработка со британскиот премиер Кир Стармер. Исто така се зборува за заедничко патување во Украина на датум што сè уште не е утврден.
Обратно, Мерц постојано нагласуваше, во согласност со украинските барања, дека САД мора да „останат “, дури и ако конфликтот треба да се надмине.
– Ќе бидеме подготвени да учествуваме во надгледувањето на прекинот на огнот под покровителство на САД – рече тој, верувајќи дека Европа сама не може да ја гарантира безбедноста на Украина.
– Војната во Украина нема да заврши без понатамошен политички и воен ангажман од Соединетите Американски Држави. Европејците не можат да ги заменат – рече тој, додека Доналд Трамп се заканува дека ќе се повлече од мировните преговори, кои остануваат блокирани, или дури и ќе се откаже од секаква воена поддршка.
Други фундаментални несогласувања, стари и добро познати, исто така, повторно се појавија, и покрај желбата да се надминат разликите, како на пример за трговските договори што Европа се стреми да ги развие, додека Париз и Берлин имаат различни ставови за договорот за слободна трговија што го парафираше комисијата од Брисел со земјите од Меркосур (Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај и Боливија).
Несогласување околу европските
буџетски правила
Германскиот канцелар му повтори на својот домаќин дека договорот со Меркосур мора да биде одобрен „брзо“, признавајќи дека прво мора да се решат „конкретните точки“ изнесени од критичарите на текстот. Според него, склучувањето нови трговски договори е одговор на заканата за трговска војна со САД и конкуренција со Кина.
– Би било погрешно да се мисли дека вчерашните догми се валидни во свет каде што сè се менува – одговори Макрон. Европската Унија (ЕУ) мора да продолжи да гради диверзификација на трговијата, а ние мора да го правиме тоа имајќи ги јасно предвид нашите интереси. (…) Каква економија би имала Европа ако си речеше: „Секој ден ги зголемувам барањата кон моите производители и секој ден се отворам повеќе кон производителите што не ги почитуваат“?
Друга точка на дивергенција: европските буџетски правила. Германскиот канцелар, кој ја доби наклонетоста на Париз со реформирање на сопствената буџетска рамка на 18 март за да ги ослободи средствата потребни за инвестирање во неговата армија и инфраструктура, рече дека се надева оти „пактот за стабилност ќе остане во сила“, дури и ако „може да има исклучоци и (дека) тоа се инструментите (кои се користат) и во Германија“. Фридрих Мерц потсети на некои фундаментални принципи: „Ова е силен сигнал до пазарите на капитал дека ЕУ останува посветена на спроведување на овие правила, за да не се надмине одржливоста на долговите во Европа“.
– Би било погрешно да се мисли дека и тука можеме да имаме монетарна политика и, во основа, водечки елементи за кои се размислувало само во 1990-тите, инсистираше Макрон. Убеден сум, од моја страна, дека ни требаат повеќе европски јавни инвестиции – потврди шефот на државата, без сепак да го продолжи својот апел во корист на нов голем европски заем.
Елисејската палата сака да избегне оддалечување од новата коалиција во Берлин, која е непријателски настроена кон идејата за заеднички долг.
– И тука Фридрих Мерц напредува по гребенска патека – продолжува Јакоб Рос за париски „Ле монд“. Со одбрана на заедничкиот заем, тој би прекршил предизборно ветување, па дури и коалицискиот договор, кој прецизира дека Германија не може да биде одговорна за долговите на другите земји членки на ЕУ. Т.Г.
Франција ѝ се додворува на Полска, која станува геостратегиски воен тешкаш по војната во Украина
Полска е дел од европската безбедносна димензија што ја замислува Макрон
Долго време маргинализирана од главните земји на Европската Унија (ЕУ), Полска во последниве години стана клучен играч на источниот брег во европските одлуки поврзани со безбедноста, Украина и со Русија. А „договорот за пријателство и соработка“, кој ќе биде потпишан денеска, петок 9 мај, во Нанси, од Емануел Макрон и од полскиот премиер Доналд Туск, го илустрира новиот статус на Варшава во рамките на Унијата, кој влегува во концептот за Европа на Макрон
Контекстот на влошување на односите меѓу САД и ЕУ, исто така, ги поттикнува Париз и Варшава да се приближат. На Франција ѝ е прифатлива позицијата дека „Полска е суштински партнер во средина со висок ризик“, резимира Пјер Булер, поранешен француски амбасадор во Полска и автор на „Полска, историја на една амбиција“.
– Немаше причина, дури беше аномалија, да се смета дека имавме привилегиран договор со Германија, дека ги зајакнавме нашите односи со Италија и со Шпанија и дека со еден од другите многу големи европски партнери (Полска), немавме ваков вид интимност вградена во договор – нагласува извор од Елисејската палата.
Зајакнувањето на врските со Варшава треба да му овозможи на Париз да ја зајакне воената и дипломатската координација во регионот, а наедно да избегне да ги остави САД сами да доминираат во дијалогот со Полјаците. Париз „веќе е партнер со земји како Естонија и Романија“, потсетува Лео Перија-Пење, експерт во Францускиот институт за меѓународни односи (Ифри).
Но овие земји имаат „многу поограничени“ воени капацитети, додека Полска има намера да ја има „најголемата копнена армија во Европа во рок од 10 години“, забележува тој. Полската армија ќе има 216.000 војници во 2024 година, според податоците на НАТО, што е веќе повеќе од француската (205.000) и германската (186.000) армија. И има цел да достигне 300.000 војници до 2035 година. Варшава, која е многу зависна од Вашингтон за снабдување со одбранбена опрема, но и од Сеул, повеќе не сака да „ги става сите јајца во една кошничка“, објаснува Пјер Булер.
Нуклеарно одвраќање
Франција има солидно „оперативно искуство“ во воената област, забележува Лео Перија-Пење, кој исто така ги истакнува „прашањата поврзани со нуклеарното одвраќање“ за кои Полјаците, во потрага по дополнителни безбедносни гаранции, „зборуваат сè повеќе и повеќе“. Франција е единствената земја од ЕУ со нуклеарно оружје.
– Овој договор јасно укажува дека безбедноста на Полска е дел од европската безбедносна димензија што ја замислува Емануел Макрон – вели Марек Свиерчински, експерт во варшавскиот аналитички центар „Политека инсајт“.
– Ова е веројатно најважниот елемент од договорот – вели тој.
Францускиот претседател неодамна потсети на европската димензија на виталните интереси на Франција, сугерирајќи дека францускиот нуклеарен чадор би можел да игра улога во одбраната на континентот.
– Посветеноста на Франција кон Полска преку таков договор, а особено вклучувањето билатерална клаузула за заемна одбрана, би претставувало потврда што долго време недостигаше на политичко и стратегиски ниво од француска страна – продолжува Марек Свиерчински, имено „целосна посветеност на одбраната на Европа од Русија и целосна посветеност на земјите од источниот дел на континентот“.
Париз се надева дека ова зближување ќе доведе и до нов пазар за неговата одбранбена индустрија во време кога Варшава се стреми да набави транспортни авиони, авиони танкери, па дури и подморници.
Додека Франција се залага за европски одбранбен систем, Варшава историски се плашеше од каква било идеја за стратегиска автономија, која ја смета за оддалечување од НАТО. Но враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа и неговите критики кон Европејците ги измешаа картите.
– Полјаците се многу потресени од непостојаноста на американскиот претседател во врска со Украина. Надвор од контекстот на војната во Украина, постои и контекст на слабеење на трансатлантската врска – објаснува Пјер Булер. Додека Доналд Трамп инсистира дека Европа мора да преземе одговорност, „Полска вели: „Да, преземаме одговорност со тоа што влегуваме во сојуз со најмоќната земја во континентална Европа“, анализира Марек Свиерчински.
Потпишувањето на Договорот од Нанси (источна Франција), покрај симбол, ќе биде исто така и „алатка за стратегиска комуникација“, бидејќи ќе се одржи на истиот ден со годишната парада по повод победата над нацистичка Германија во Москва.
Макрон сака да се покаже како главен лидер на ЕУ
Емануел Макрон оваа недела презема низа акции за зајакнување на лидерството на Франција во Европа, вклучувајќи ја најпрво конференција во Сорбона во понеделникот за привлекување истражувачи од САД и од светот, средба со новиот германски канцелар во Париз в среда и потпишување револуционерен договор со Полска в петок. Повторното потврдување на неговата европска амбиција сега е цел на Емануел Макрон. Дипломатска офанзива насочена и кон националната и кон меѓународната сцена. Недела дизајнирана како демонстрација на сила на темата Европа. Емануел Макрон најпрво одржа голема конференција во Сорбона за да ги убеди странските истражувачи, особено Американците, да ја изберат Европа. Макрон потоа се сретна со претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен, за да се заложи за поконкурентен и посуверен континент. Во средата, Емануел Макрон го пречека новиот германски канцелар Фридрих Мерц во Париз, на неговото прво патување во странство. Симболична средба по тензиите акумулирани за време на ерата на Шолц.
Национална церемонија беше планирана за 8 мај, но Елисејската палата не ја исклучи можноста за давање меѓународна димензија на комеморациите. Конечно, денеска (петок) во Нанси, претседателот ќе го запечати стратегиското зближување со Полска со потпишување договор за пријателство што опфаќа чувствителни прашања: од цивилна нуклеарна енергија до безбедност, во контекст на војната во Украина.
Со оваа многу густа дипломатска низа, Емануел Макрон се надева дека ќе го потврди своето лидерство во Европа. И на ист начин тој се стреми да го обнови токму сопствениот авторитет, ослабен на домашната сцена, но на некој начин и на светската.
Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“