Руските сили соопштија дека денеска повторно ќе биде отворен коридор за евакуација на населението од опколениот град Мариупол до Запорожје.
Според украинските власти, конвоите вчера се соочиле со повеќе проблеми, а исто така тврдат дека руските сили ја запленувале хуманитарната помош и ги блокирале автобусите.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека војската повторно ќе го отвори хуманитарниот коридор од јужниот град Мариупол до Запорожје на 1 април на барање на лидерите на Франција и на Германија. Коридорот ќе биде отворен од 10 часот по московско време, а руските војници ќе постават попатна станица во јужниот град Бердјанск.
Според украинските власти во Мариупол уште околу 100.000 цивили останале заробени во градот.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски синоќа изјави дека ситуацијата на југот на Украина и во регионот на Донбас и понатаму е исклучително тешка.
Во видео-обраќањето тој повтори дека Русија ги зголемува силите во близина на опколениот град Мариупол.
– Претстојат борби. Сè уште треба да одиме по многу тежок пат за да добиеме се што сакаме – рече тој.