Најмалку 100 луѓе загинаа во напад на воена академија во Сирија во четвртокот, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права (СОХР).
Вооружени беспилотни летала го бомбардираа местото неколку минути откако сирискиот министер за одбрана Али Махмуд Абас ја напушти церемонијата на дипломирање.
Во нападот загинаа цивили и воен персонал на воената академија во централната провинција Хомс, се вели во соопштението на сириското Министерство за одбрана, додавајќи дека „терористичките“ групи користеле беспилотни летала за да го изведат, објави Танјуг, цитирајќи го „Ројтерс“.
Во соопштението не е наведена организацијата што го извршила нападот, а одговорноста се уште не ја презела ниту една група.
Додека воен монитор и извор од безбедноста соопштија дека бројот на загинати е повеќе од 60, СОХР тврди дека најмалку 100 луѓе биле убиени, а уште 140 повредени.
Во нападот на свеченото унапредување на офицерите на сирискиот режим загинаа „повеќе од сто лица, од кои половина дипломирани воени и 14 цивили“, а 125 се ранети, соопшти организацијата со седиште во Велика Британија, која се потпира на широка мрежа на извори во своите извештаи во Сирија.
Војната во Сирија трае од 2011 година, кога бројни опозициски групи се обидоа да го соборат режимот на Башар ал Асад. Со помош на Иран, а подоцна и Русија, тој успеа да го потисне бунтот и бројните групи кои контролираа речиси една третина од земјата.