фото: ЕПА

Според јавно достапните декларации за транспарентност, поточно од информациите од анкетните листови на француските министри за нивниот имот, сегашната француска влада е меѓу најбогатите од 2017 година, со 22 министри милионери

Тони Гламчески, специјално за „Нова Македонија“ од Франција

Министерот за индустрија Марк Ферачи и министерот за економија Ерик Ломбард имаат најголема нето-вредност меѓу членовите на владата на Франсоа Бајру, според изјавите објавени од Високиот орган за транспарентност во јавниот живот (ХАТПВ).
Марк Ферачи, кој пријавил нето-вредност од речиси 23 милиони евра, поголемиот дел од своето богатство го стекнува од своите акции во фирма за сметководство и менаџмент-консалтинг, со која претседава неговиот татко Пјер Ферачи. Ерик Ломбард, со речиси 21 милион евра нето, пријавил над 11 милиони евра акции во консултантска фирма и над осум милиони евра недвижен имот. По нив следува министерката за култура Рашида Дати, со речиси шест милиони евра нето.

Во просек, 2.620.000 евра имот

Дати не пријавила никаков накит, иако весникот „Либерасион“ во средината на април тврдеше дека таа не вклучила во претходната анкетна изјава за имот неколку парчиња накит што ги поседува од 2017 година, во вкупна вредност од 420.000 евра.
– Немам што да регулирам. Никогаш не сум била фатена во лага во никаква изјава. Значи, нема да започне тоа денес – реагираше министерката на „Франс интер“.

Рашида Дати се најде на второто место, пријавувајќи 2,3 милиони евра приход како адвокат помеѓу 2020 и 2024 година. Министерката за култура, исто така, поседува удели во 36 компании, вклучувајќи ги „Ербас“, „Дасо“, „Талес“ и „ТотаклЕнержи“. Малку помалку од Клара Чапаз, министерка делегатка за вештачка интелигенција и дигитални работи, која поседува акции во 44 компании.

Според анализата на „Ле монд“, помалку од половина од богатството на министрите доаѓа од недвижности, а 97 отсто од нив се сопственици на куќи, процент далеку над приближно 60 отсто од Французите што поседуваат дом. Само Мануел Валс, министер за прекуокеански територии, не пријавува дека поседува недвижен имот.

Најголемите богаташи ги вклучуваат и оние на министерката за трговија, занаетчиство и мали и средни претпријатија, Вероник Луважи (речиси 5.500.000 евра нето) и онаа на нејзиниот колега во Министерството за надворешни работи, Жан-Ноел Баро (речиси 5.000.000 евра нето). Премиерот Франсоа Бајру пријавил нешто над 1.300.000 евра, а неговиот имот се состои првенствено од недвижен имот.

Просечната нето-вредност на сите членови на владата е приближно 2.620.000 евра. Мануел Валс, државен министер за прекуокеански територии, пријавил најмал имот: приближно 130.000 евра. Сепак, по одбивањето на обврските, министерот за правда Жералд Дарманин има најмала нето-вредност (77.821 евра), зад Шарлот Парментие-Лекок, министерка делегатка за лица со попреченост (113.477 евра).

Трендот на богати министри се интензивираше од 2017 година: под претседателството на Емануел Макрон, министрите стануваа сè побогати. Сегашната влада има 22 милионери од 36 члена, според нивните изјави за интереси и имот, од страна на Високиот орган за транспарентност во јавниот живот. За споредба, во 2022 година, 19 милионери беа во владата на Елизабет Борн, која имаше четири члена повеќе од сегашната.

Според пресметките на „Ле монд“, министрите во владата на Бајру имаат просечна нето-вредност од 2,9 милиони евра – или 2,5 милиони евра по одбивањето на долговите. Овој просек е речиси двојно поголем од оној на владата на Борн со 1,8 милион бруто или 1,5 милион евра нето просечно богатство по министер, што ја става сегашната влада меѓу најбогатите откако на министрите им беа наметнати декларации за транспарентност во 2014 година. За споредба, владата на Едуар Филип просечно по член беше богата со 1,6 милион евра бруто, односно 1,4 милион нето, втората влада на Мануел Валс во 2016 година просечно беше богата со 1,1 милион евра бруто, додека во 2014 година беше само 921.540 евра по член.

Вредноста на недвижностите ги зема предвид само акциите што ги поседуваат министрите.

Износите се заокружени на најблиската сума, изразена во евра. Министрите не секогаш даваа суштински детали (бруто или нето-приход, пред или по оданочување). Во отсуство на специфични информации, износите, од француските специјалисти беа толкувани како нето-вредност на пријавениот приход пред оданочување.

Во однос на приходите остварени пред да се приклучи на владата на Бајру, Астрид Паносјан-Буве (Труд и вработување) ја надмина владата со вкупно приближно 3,7 милиони евра во текот на изминатите пет години, што е месечен просек од над 60.000 евра. Поголемиот дел од овие приходи доаѓаат од француската група Унибаа-Родамко-Вествиелд, каде што таа извршуваше извршни менаџерски позиции помеѓу 2015 и 2021 година.

Речиси сите министри на Франсоа Бајру се рангираат меѓу 5 отсто од Французите со највисоки приходи, според податоците од Светската база на податоци за нееднаквост. Само Катрин Вотрен (труд и здравство) и Ани Женавар (земјоделство) се рангираат малку пониско, со просечен месечен приход од 5.131 евра и 6.536 евра, соодветно. Четириесет проценти од приходите што ги примиле министрите во текот на изминатите пет години доаѓаат од политички мандати: од 36-те члена на владата, 23 добиле надоместоци како сенатори или членови на парламентот, а осум други декларирале само локални мандати.

Во однос на богатството, само Жералд Дарманин се рангира меѓу втората половина од француското население, бидејќи иако поседува стан од 95 квадратни метри на северот од Франција, вреден 225.000 евра, тој сепак треба да ги плати преостанатите 185.000 евра од хипотеката за овој стан. Огромното мнозинство од нивните владини колеги се меѓу 10 отсто од Французите со најголемо богатство.