Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР
Агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, објави дека повеќе од 6,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина поради војната. Убедливо најголемиот број украински бегалци – 3,5 милиони се згрижени во соседна Полска. Речиси 780.000 бегалци пристигнале во Германија од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, до минатата сабота. Вкупно 98 отсто од нив се по потекло од Украина, соопшти германското министерство за внатрешни работи.
Се претпоставува дека многу од нив можеби во меѓувреме заминале во друга земја на ЕУ или се вратиле во Украина. Според УНХЦР, речиси два милиона луѓе се вратиле во Украина од почетокот на војната. Не се знае точно колку од нив се вратиле трајно, а колку од нив само повремено доаѓаат во својата земја.
Само Полска евидентирала повеќе од 1,5 милион луѓе што се вратиле во Украина, објави тамошната гранична служба на Твитер.
Забележано и дека бројот на луѓе што од неодамна се враќаат во Украина, на дневна основа, е поголем од бројот на оние што ја напуштаат земјата.
Украина пред војната имаше околу 44 милиони жители. Покрај 6,5 милиони бегалци од земјата, дополнителни осум милиони луѓе се раселени во Украина поради војната, објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Поради војната во Украина, бројот на бегалци на глобално ниво за првпат надмина 100 милиони, објави УНХЦР.
Подготвил: Марјан Велевски