Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун во обраќањето до воениот врв на земјата рече дека потребно e да се мобилизираат најмоќните оружја за уништување на САД и Јужна Кореја, доколку тие земји го изберат патот на воена конфронтација, објавија денеска државните медиуми во Пјонгјанг.
На состанокот со севернокорејските воени команданти, Ким објави дека опасноста од вооружен конфликт на Корејскиот Полуостров брзо станува реалност поради потезите на, како што рече, „непријателските сили, вклучително и САД“ и дека таквата ситуација бара Северна Кореја уште повеќе да го „изостри мечот“ за да се заштити.
– Ако непријателот одлучи да се вклучи во воена конфронтација, ние мора да ги мобилизираме сите најмоќни средства за да нанесеме смртоносен удар и целосно да ги уништиме – додаде Ким.