Британската кралица со најдолг стаж Елизабета Втора, почина на 96 години, откако беше под медицински надзор во нејзиниот замок Балморал во Шкотска.
Платинестиот јубилеј во јуни 2022 година, со кој се прославија 70 години од владеењето на кралицата, ќе изгледаше како многу далечна перспектива во 1947 година, кога, во радиоемитување по повод нејзиниот 21. роденден, тогаш принцезата Елизабета, ќерка на кралот Џорџ Шести и правнука на кралицата Викторија, јавно се обврза на улогата што ѝ ја одреди судбината. „Изјавувам пред сите вас“, му порача таа на Комонвелтот, „дека целиот мој живот, без разлика дали е долг или краток, ќе биде посветен во ваша служба“.
Малкумина можеа да претпостават дека младиот суверен, кој по смртта на татко си и посетата на Кенија беше пречекан од страна на Винстон Черчил, првиот од нејзините 15 британски премиери, ќе владее многу подолго од кој било друг во британската историја или дека втората елизабетанска ера ќе влезе во новиот милениум.
За време на нејзиното владеење, од повоениот период одбележан со строги мерки за штедење и бонови за храна, во кој училишниот атлас сè уште ја прикажуваше империјата во розова боја, разводот значеше општествен срам, а младите немажени девојки сè уште беа претставувани пред кралскиот двор, Обединетото Кралство прерасна во современо и мултикултурно општество каде што монархијата остана длабоко почитувана.
Како и многумина од нејзината генерација, кралицата Елизабета Втора мораше да биде сведок на распадот на браковите на три од нејзините четири деца. Најтрауматичен беше разводот на нејзиниот син и наследник, принцот од Велс, и принцезата Дијана. Пет години подоцна, таа се соочи со тежок тест на јавното мислење, кога Дијана загина во сообраќајна несреќа во Париз во август 1997 година. Потоа во 2002 година, во една година, кралица ги загуби својата сестра, во февруари, и својата мајка, која почина наредниот месец на 101 година.
Во наредните години следуваа нови загуби, раскол и скандали. Принцот Ендру, кој долги години беше нејзин миленик, од нејзина страна беше лишен од сите негови воени чинови и кралски покровителства. Потоа следуваше заминувањето од дворскиот живот на принцот Хари и неговата американска сопруга, актерката Меган Маркл, за која животот во центарот на вниманието на семејството Виндзор се покажа како преголем залак. Но најстрашната лична загуба се случи на 9 април 2021 година, кога принцот Филип, војводата од Единбург, почина на 99-годишна возраст.
Кралицата Елизабета Втора направи малку видливи отстапки од своите кралски должности во нејзините 90-ти години, но постепено почна да отсуствува од истакнати настани, како што се церемониите на Денот на сеќавањето, парадата на британската војска во чест на роденденот на кралицата, годишното обраќање пред парламентот, дури и коњичките трки во Аскот. Како голема љубителка на коњи и со нејзиниот заштитен знак, кучињата од расата корги, кои секогаш беа покрај неа, кралицата цврсто се држеше до своите христијански верувања. Како поглавар на Англиската црква, таа се соочи со период на драматичен пад во одењето во црква во Велика Британија, но секогаш зборуваше за својата вера, особено во својата божиќна порака. Таа се водеше по Христовото учење заедно со својата лична одговорност пред Бога, што ја дадоа рамката, според која, таа го живееше целиот живот.


Принцот Чарлс станува шеф на државата на Обединетото Кралство како Чарлс Трети

Чарлс Филип Артур Џорџ е роден во Бакингемската палата, на 14 ноември 1948 година, во 12-та година од владеењето на неговиот дедо, кралот Џорџ Шести.
Имал само три години кога станал наследник откако неговата мајка била крунисана во 1952 година. Воспитувањето на Чарлс секогаш било различно од претходните идни монарси. Неговите претходници своето образование го добиле со помош на приватни тутори. Сепак, Чарлс отишол во училиштето „Хил Хаус“ во Западен Лондон, пред да се префрли во училиштето „Чим“ во Беркшир, каде што подоцна бил еден од најдобрите ученици. Повторно кршејќи ја традицијата, Чарлс потоа заминува на колеџот „Тринити“, Кембриџ, да студира археологија и антропологија, но подоцна се префрла на историја. За време на студиите, тој беше формално крунисан за принц од Велс, титула што традиционално ја носи престолонаследникот, на голема церемонија во 1969 година.
По смртта на кралицата Елизабета, принцот Чарлс станува крал на Обединетото Кралство и на 14 други земји, како најдолгоочекуваниот престолонаследник во британската историја. На 73-годишна возраст, тој е најстариот монарх што го презема тронот во кралската лоза, која се протега 1.000 години. Критичарите сметаат дека новиот крал е слаб, суетен и дека не ги поседува потребните квалитети за улогата на монарх. Во неколку наврати е исмејуван поради тоа што разговара со растенија и поради неговата опседнатост со архитектурата и околината, а сè уште е во сенка на неговиот неуспешен прв брак со покојната принцеза Дијана.
Поддржувачите, пак, велат дека тоа е искривување на добрата работа што ја прави, дека едноставно е погрешно разбран и дека во областите како што се климатските промени тој бил „пред времето“. Тврдат дека е внимателен и оти се грижи за граѓаните од сите заедници и општествени слоеви. Неговата добротворна организација им помогна на повеќе од милион невработени и ранливи млади луѓе во изминативе речиси 50 години.