Ураганот „Фиона“ од синоќа се приближува кон островите Туркс и Каикос, откако бурата донесе обилни дождови во Порторико и Доминиканска Република.
Националниот центар за урагани соопшти дека „Фиона“ станала голем ураган, а ветерот достигна брзина од 185 километри на час и се очекува да се засили во наредните денови.
Според синоптичарите невремето ќе продолжи да предизвикува поплави опасни по живот низ Порторико и источниот дел од Доминиканска Република.
– Штетата предизвикана на инфраструктурата, урбаните области и резиденциите е катастрофална – изјави вчера гувернерот на Порторико.
Тој истакна дека многу од областите се соочија со полоши поплави отколку тие во 2017 година кога ураганот „Марија“ ја опустоши територијата на островот.
Националната гарда спаси повеќе од 900 луѓе од поплавите и од лизгање на земјиштето. Пријавени се најмалку два смртни случаи, а многу луѓе останаа без водоснабдување во Порторико. Властите соопштија дека синоќа напојувањето со електрична енергија било обновено кај повеќе од 114.000 луѓе, откако бурата ја прекинала струјата низ островот.
Во Доминиканска Република, невремето предизвика затворање на пристаништата и плажите.
Метеоролозите очекуваат бурата в четврток да се приближи до Бермуди како ураган со поголема категорија.