фото: Пекселс

Варшава ја создаде најголемата НАТО-армија во Европа

  • Полската армија моментално има повеќе од 210.000 активни члена, што ја прави трета по големина во НАТО, по САД и Турција. Од 2018 година структурата на силите е реорганизирана, формирани се нови дивизии, а првата од нив – 18-та механизирана дивизија – веќе е во состојба на целосна борбена готовност. Во исто време се создадени територијални одбранбени сили, составени од десетици илјади резервисти и волонтери

Повеќе од една деценија Полска систематски се подготвува за сценарио во кое би можела да стане прва борбена линија во евентуален конфликт меѓу Русија и Западот, пишува американскиот весник „Волстрит журнал“. Според процените, Варшава веќе годинава ќе ја создаде најголемата копнена армија во рамките на НАТО во Европа, со рекордно ниво на воени трошоци што сега достигнува 4,7 проценти од БДП, повеќе отколку во која било друга земја во Алијансата.
Полска стана еден од најголемите купувачи на американска воена опрема во последните години. Само во периодот помеѓу 2023 и 2024 година се потпишани договори во вредност од околу 50 милијарди долари. Варшава купи тенкови „М1 абрамс“, повеќекратни ракетни лансери од Јужна Кореја и домашна верзија на американскиот ракетен-систем ХИМАРС, значително подобрувајќи ја својата ударна воена сила. Според планот на владата, воените трошоци ќе достигнат 4,8 проценти од БДП до 2026 година.
Според „Волстрит журнал“, оваа стратегија „е резултат не само на амбиција туку и на страв дека земјата повторно би можела да стане зона на воена акција поради близината на конфликтот во Украина“.
Полската армија моментално има повеќе од 210.000 активни члена, што ја прави трета по големина во НАТО, по САД и Турција. Од 2018 година структурата на силите е реорганизирана, формирани се нови дивизии, а првата од нив – 18-та механизирана дивизија – веќе е во состојба на целосна борбена готовност. Во исто време се создадени територијални одбранбени сили, составени од десетици илјади резервисти и волонтери.
Минатиот месец Полска одржа голема воена вежба наречена „Железен бранител“, во која учествуваа повеќе од 30.000 војници, вклучувајќи американски и холандски единици. Маневрите беа дизајнирани да ги тестираат интеграцијата на современите системи и борбената координација на НАТО на источната граница на Алијансата.