Можно ли е претседателот на Франција веќе да издал наредба за подготовка на своите трупи за Украина
Француските трупи се подготвуваат за конфликт со висок интензитет. Ова го тврди во својата статија реномираниот медиум „Политико“, додавајќи дека интензивните подготовки на француски воени единици не се ни приближно исти како оние што ги правеле изминатите децении подготвувајќи се и борејќи се против бунтовничките кампањи во места како Мали и Авганистан.
Полковникот на француската армија Аксел Денис, кој раководи со центарот за борбена обука (ЦЕНТАЦ) во Малили-ле-кампот во источна Франција, каде што се вршат наведените подготовки, за „Политико“ рече:
„Светот ја откри својата вистинска природа: нестабилен, опасен и не секој е пријател. Се подготвуваме за култура на будност, да бидеме подготвени за кратко време“. Полковникот го изјави ова за време на посетата на „Политико“ на кампот, од каде што медиумот извлече многу интересни заклучоци за јавноста, кои ви ги пренесуваме.
Што се случува во воениот камп ЦЕНТАЦ во Франција
„ЦЕНТАЦ е единственото место (во Франција) каде што можете да видите каква е војната“, тврди „Политико“.
Станува збор за камп што се простира на 120 квадратни километри, површина поголема од Париз, а тоа е единственото место во Франција каде што различни единици на армијата – пешадија, оклопни, артилериски и инженерски – инаку расфрлани низ земјата, можат да тренираат заедно. Тоа е и единственото место каде што десетици тенкови „леклер“ се активни во текот на целата година.
Според извештаите, условите во кои се обучуваат војниците во овој центар се многу блиски до оние на вистинското бојно поле, па звуците, светлината и топлината предизвикани од артилериски оган постојано се имитираат, додека лажни мини се поставени насекаде, а радиокомуникацијата може да се прекине во секое време без претходна најава.
Одлуката за почеток на подготовки за поголем конфликт дојде по изјавата на командантот на француската армија, генерал Пјер Шил, дека „по децении воени операции во Африка, Франција сѐ повеќе го префрла својот фокус на источното крило на Европа и нејзините вооружени сили мора да бидат оспособени“.
Утврдување и увежбување на војнички лекции од украинскиот фронт
Иако офицерите што ја водат обуката во ЦЕНТАЦ не откриваат конкретно за кој непријател се подготвуваат, од интензитетот и сложеноста на обуката е јасно (според пишувањето на „Политико“) дека тоа е некоја воена сила слична по габарит како руската армија.
Тоа го поткрепува и сценариото на вежбата, која, според „Политико“, бара војниците на обука да го спречат напредувањето на имагинарен противник, чии војници (на спротивставената страна) ги играат нивните поискусни колеги. Според офицерите на ЦЕНТАЦ, главната лекција што ја научиле од конфликтот во Украина е дека треба да се избегнуваат фронтални напади, бидејќи тоа води до огромни загуби и неуспех да се потисне непријателот.
Затоа, може да се претпостави дека Французите навистина извлекоа некои лекции од војната во Украина, раскажува „Политико“, особено од летната украинска офанзива, бидејќи тогаш „елитните украински единици обучени од инструктори на НАТО“ (кои споделуваат слични искуства со нивните француски колеги) доживеаја – фијаско!
Затоа француските војници се обучени да изведуваат комбинирани напади, кои вклучуваат соработка на пешадија, оклопни единици, инженериски единици и артилерија, во комбинација со нови технологии како извидувачки дронови за корекција на артилериски оган.
Доколку силите на теренот не можат да го комбинираат/синхронизираат ефектот на оклопните возила заедно со пешадијата и артилеријата, постои огромен ризик тие да бидат уништени, а неможноста да се координираат сите овие елементи го оневозможува пробивањето на добро подготвените/утврдени одбранбени линии, што беше потврдено и за време на украинската летна офанзива.
– Она што е проблематично во Украина е што некои тенкови дејствуваат сами, па затоа и воопшто не дејствуваат – рече полковникот Аксел Денис, веројатно мислејќи на речиси уништените американски „абрамс“, кои беа форсирани со очајнички обиди на украинската команда за пробив на фронтот, при што беа втурнувани на фронтот без поддршка, со недостиг од муниција…, а потоа беа лесна цел на операторите со беспилотни летала и пешадијата на руската армија.
Враќање на стариот начин на ориентација и комуникација меѓу војската и единиците
Интересно е и тоа што војниците на обука мора да научат да користат мапи, наместо компјутери и телефони. Тоа се учи во отежнати околности, во т.н. „деградиран режим“, со цел да се подготват за ситуации во кои мрежите и сателитската навигација ќе бидат недостапни поради пречки, електронско попречување, но и поради ризик од евентуално откривање на позицијата од страна на противничкото електронско извидување и разузнавање.
Сепак, она што е впечатливо овде е дека употребата на географски карти е (или барем треба да биде) сосема нормален дел од воената обука, така што ова само по себе е добар показател за состојбата на француските сили кога станува збор за „воведување регрути за ризиците од користење телефон и интернет“ и дека бара посебна обука.
Од сето горенаведено, се чини дека француската армија конечно стана свесна за фактот дека нејзиното искуство од борбата против африканските бунтовници и терористичките групи нема да биде од голема корист доколку имаат противник во форма на конвенционални вооружени сили, кои, според воените експерти и во француската војска, имаат супериорност во одредени сегменти. Р.С.