Финскиот претседател Александар Стуб порача дека политичките и дипломатските решенија во конфликтот во Украина ќе бидат „тешки за варење“, предупредувајќи дека јавноста не смее да негува илузии за „совршен“ мир за Киев.
– Многумина од нас тешко ќе го сварат ова, но запомнете дека за Украинците ќе биде уште потешко – рече Стуб, нагласувајќи дека исходот од преговорите, кога и да дојде до нив, ќе подразбира тешки компромиси и политички болни одлуки.
Изјавата на Стуб ја пренесе весникот од Хелсинки, Илта-Саномат.
Тој наведе дека Финците, како и европската јавност во целост, би морале да го „променат начинот на размислување“ за ставање крај на војната. Според него, очекувањето за идеален, праведен и целосен мир за Украина не е реално во сегашните околности.
– Не треба да се надеваме на идеално сценарио. Светот не функционира така – порача финскиот претседател.
Ова не е првпат Стуб да повикува на поразумно согледување на исходот од конфликтот. Претходно истакна дека Европа мора да се подготвува за мир, но дека е „малку веројатно“ оти ќе се постигне договор кој би бил „фер“ во смислата во која тоа го очекуваат во Киев.
Истовремено, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, според оценките на неговите специјални пратеници, рускиот претседател Владимир Путин сака да го прекине конфликтот. Трамп нагласи дека САД внимателно ги следат дипломатските сигнали од Москва и дека, како што рече, „време е да се бара пат кон мирот“.


































