Фото: Игор Бансколиев

Туризмот сочинува речиси 10 отсто од БДП на Европската Унија (ЕУ) и вработува околу 23 милиони луѓе. За традиционалните дестинации за одмор како Грција влијанието е уште поголемо, при што туризмот сочинува четвртина од економијата. Туристичката индустрија, која почна да закрепнува по пандемијата, се надева дека драматичните снимки од туристи како ги влечат своите куфери додека бегаат од запалените хотели нема да ги одвратат туристите. Во таквиот контекст, политичарите (на ЕУ) испраќаат низа пораки во јавноста до туристите, кои можеби се загрижија поради високите температури и пеколните пејзажи на шумски пожари. Пораките на политичарите до туристите се „да заборават на стравовите и да продолжат да уживаат во нивниот годишен одмор“

Апели од високи државни функционери на земјите на ЕУ за поттик на туризмот како доходовна стопанска гранка, по борбите со шумските пожари

Политичари од државите во кои се наоѓаат традиционалните летни туристички дестинации ги промовираат своите земји и ги бранат од нападите дека не се безбедни.
Во Грција, 20.000 луѓе неодамна беа евакуирани од Родос, бидејќи пожарите зафатија делови од островот, а министерот за надворешни работи на Велика Британија, Ендрју Мичел, порача дека можеби не е погодно да се патува таму. Но грчката министерка за туризам Олга Кефалојани го отфрли овој став, нагласувајќи дека само мал дел од 10 до 20 отсто од островот бил погоден од пожари и немало прекин на авиосообраќајот.
Пораката е иста за Италија, каде што во Рим беа измерени рекордни 46 степени Целзиусови во изминатиот период, северниот дел на земјата имаше поплави од силни врнежи од дожд проследени со град, а аеродромот во Палермо на Сицилија беше затворен на неколку часа поради приближувањето на шумските пожари.
– Високите температури се нормална појава во оваа сезона и на ниту еден начин не ја компромитираат нашата туристичка понуда, која останува солидна, квалитетна, разновидна и одржлива – рече италијанската министерка за туризам Даниела Сантанке и беше поддржана од Ивана Јелиниќ, шефицата на туристичката управа во земјата. Јелиниќ упати уверување до туристите од целиот свет дека во Италија ќе најдат клима погодна за летната сезона без никаков ризик, пренесуваат во својата анализа Мари Еклс и Џована Кои за „Политико“

Досега функционираат политичките пораки упатени за смирување на туристите

Според студијата спроведена од Европската комисија за патувања, само седум отсто од европските патници, анкетирани во март, рекле дека екстремните временски услови се нивната најголема грижа поврзана со одморот.
Додека 82 отсто од испитаниците во истражувањето на „Евробарометар“ во 2021 година рекле дека би биле подготвени да ги променат своите навики за патување и туризам за да бидат поодржливи, а факторите на животната средина беа меѓу најмалку важните параметри според кои туристите ја избираа својата дестинација.
Според Дејвид Гарсија Леон, аналитичар за климатски промени во Европската комисија (ЕК), има пораст на патувањата во земји како Чешка, Бугарија и Ирска. Тој во својата анализа издвоил дека зголемените трошоци за живот се главната причина за овој избор, но и дека загриженоста меѓу европските граѓани за последиците од можните екстремни временски услови расте.

Падот на туризмот би можел да биде сериозен проблем за владите на земјите на ЕУ

Туризмот сочинува речиси 10 отсто од БДП на Европската Унија (ЕУ) и вработува околу 23 милиони луѓе. За традиционалните дестинации за одмор како Грција влијанието е уште поголемо, при што туризмот сочинува четвртина од економијата. Туристичката индустрија, која штотуку почна да закрепнува по пандемијата, се надева дека драматичните снимки од туристи како ги влечат своите куфери по грчките патишта додека бегаат од запалените хотели нема да ги одвратат туристите. Шумските пожари во Грција се јасен сигнал дека туристичките агенции ќе мора да ја приспособат својата стратегија, рече Ерик Дрезин, генерален секретар на европските туристички агенции и туроператори.
Но сè повеќе се признава дека некои аспекти на туризмот ќе мора да се променат. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беше релативно јасен за проблемот, велејќи им на пратениците дека климатската криза веќе е присутна. Но индустријата вели дека нема потреба за паника. Најавена е конференција во септември на која ќе се разговара за следните чекори, а Дрезин рече дека некои земји што не се атрактивни за туристите може да го променат својот маркетинг.
Иако многу неодамнешни лета беа обележани со високи температури, зголемени смртни случаи и шумски пожари, политичарите сега станаа посвесни за проблемот. Работната група за туризам на Европскиот парламент, која беше создадена за да се справи со прашањата во овој сектор, ја фокусираше својата работа на краткорочен престој, дигитализација и регулативи за туристички аранжмани, но направи малку за да го анализира влијанието на екстремните временски услови.
На ниво на ЕУ, туристичката стратегија на комисијата вели дека мерките за ублажување и адаптација на климата секогаш треба да бидат вклучени во паметните и одржливи туристички стратегии на национално, регионално и на локално ниво и ги охрабрува туристичките дестинации да пристапат до можностите за истражување и финансирање преку европската мисија за адаптација кон климатските промени наречена „Хоризонт“.
Голем дел од политиката на комисијата е насочена кон тоа да го направи туризмот, и конкретно транспортот, позелен наместо да го приспособи туристичкиот сектор на климатските промени. Но повеќе лета како ова може да имаат влијание врз начините на патување, рече Лука Берар-Шену, предавач на Универзитетот во Гренобл.