Фото: Твитер/Влада на Русија

Спротивно на оценките на многу меѓународни експерти, Кремљ изрази задоволство од она што го направи неговата војска во Украина повеќе од 10 недели по почетокот на војната, јави ДПА.

– Операцијата се одвива според планот – изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска во Москва.

Воените дејствија во соседната земја, што почнаа на 24 февруари по наредба на рускиот претседател Владимир Путин, официјална Москва ги нарекува „специјална воена операција“.

Меѓународните набљудувачи, од друга страна пак, веруваат дека Кремљ би сакал да го прослави, меѓу другото, целосното освојување на источните украински региони Луганск и Донецк на „Денот на победата“ на 9 мај. Сепак, тоа се чини се малку веројатно.

Затоа со нетрпение се чека што ќе објави Путин за понатамошниот тек на војната на традиционалната воена парада во понеделник на 77-годишнината од победата над хитлерова Германија, коментира ДПА.

Шпекулациите дека Путин би можел да нареди општа мобилизација во Русија беа веќе демантирани од Кремљ оваа недела.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска ја критикуваше Полска за, како што рече, непријателската реторика, додавајќи дека Варшава може да биде „извор на закана“.

Полска ја повика Европската Унија да ги зајакне санкциите против Москва, како и НАТО да ја вооружи Украина во борбата против руските сили кои влегоа на истокот на оваа земја.

Полската министерка за животна средина и клима, Ана Москва, кажа дека „Полска е горда што е на листата на непријателски држави на Путин“.