Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак денеска ги поздрави ветувањата на САД и нивните сојузници дека ќе испратат уште тешко оружје во Киев, по разговорите во германската воздухопловна база Рамштајн и порача дека „Украина станува посилна“.
– Едно од чудните барања на Русија на почетокот на војната беше целосна демилитаризација на Украина. По вчерашната епохална средба на 40 министри за одбрана, имам лоши вести за Русија. Капацитет, брзина, поедноставена логистика, проширен опсег на оружје – Украина станува посилна – напиша Подољак на Твитер.
Во американската воена база Рамштајн во Германија се одржа состанок на претставници на 40 земји за вооружувањето на Украина, а домаќини на состанокот се САД.
– Украина верува дека може да победи, како и сите присутни овде – рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Рамштајн.
Началникот на Здружениот генералштаб на американските сили, Марк Мили, предупреди дека на Украина и е потребна дополнителна воена помош и дека следните недели се „критични“.