Министерот за финансии на Израел, Безалел Смотрич, и премиерот Бенјамин Нетанјаху / Фото: ЕПА

Концептот на претседателот на САД за раселување на Палестинците од Појасот Газа влегува во нова понапредна фаза. Прифатен од Израелците, планот на Трамп веќе почна да се операционализира со динамизирање на подготовките од страна на Израел. Но во целиот комплициран „Случај за раселување од Појасот Газа“ треба да се потсетиме дека веќе 57 муслимански земји неодамна го поддржаа египетскиот план за решавање на проблемот со Појасот Газа, што е целосно спротивен на планот на Трамп

Израел ги интензивира активностите за Појасот Газа според предлогот на претседателот на САД

Министерот за финансии на Израел, Безалел Смотрич, најави нова понапредна фаза во делот за спроведување на концептот на претседателот на САД, Доналд Трамп, во соработка со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Имено, израелскиот министер ја информира јавноста дека е во тек „формирање парламентарни групи и во Израел и САД“, кои ќе работат на динамично „спроведување на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Појасот Газа и раселување на Палестинците од енклавата“.

Министерот за финансии Смотрич: Плановите имаат потенцијал за историски промени

– Само да ви дадам концепт за динамиката на спроведување на идејата: Ако отстрануваме 10.000 луѓе дневно, седум дена во неделата, ќе бидат потребни шест месеци. Или, пак, ако отстрануваме 5.000 луѓе дневно, ќе треба една година. Се разбира, ова е под претпоставка дека имаме земји, локации подготвени да ги прифатат и да ги сместат раселените лица. Но ова се многу, многу, многу долги процеси – рече израелскиот министер Смотрич во израелскиот парламент.
Министерот за финансии, исто така, во таа пригода истакна дека владата на Израел, предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана, Израел Кац, работи на формирање посебен извршен државен орган – „управа за миграција“ што ќе го надгледува раселувањето на палестинските жители од Појасот Газа. Според информацијата на министерот Смотрич, оваа управа би била пополнета со човечки ресурси што ќе вклучи избрани лица од коалициските владини партии, но и од опозициските партии.
– Ова не е само уште еден план, тоа е потенцијал за историски промени – истакна министерот за финансии верувајќи во ова решение како историско и кое ќе стави точка на многугодишниот конфликт и отворено политичко и територијално прашање.

Министерката Штрок: Мора да биде „доброволен миграциски план“…

Од друга страна, израелската министерка за населби и национални мисии Орит Штрок (од истата партија како што е министерот за финансии Смотрич) на седницата во израелскиот парламент изјави дека отстранувањето на безбедносната закана од Газа не може да се постигне „освен преку доброволен миграциски план“.
– Дури и ако го победиме Хамас, како цивилна и воена влада, сè додека не дозволиме мнозинството од населението да емигрира, нема да ја отстраниме заканата – подвлече министерката Штрок.
На седницата на израелскиот парламент, двајца видни челни луѓе на т.н. Совет на населби (за населбата Јеша и населбата Бинјамин) го изнесоа ставот дека „нема разлика меѓу Хамас во Газа и Хамас во Јудеја и Самарија! Секој што учествува или го поттикнува тероризмот не може да остане. Ова не е само безбедносно прашање, туку егзистенцијална неопходност“, нагласија тие додавајќи дека „Израел минува низ историски момент – има американски претседател, кој не охрабрува да размислуваме надвор од рамката. Не ни требаат повеќе предлози, треба да почнеме да имплементираме! Време е владата да преземе вистински чекори за спроведување на визијата на Трамп“, едногласни беа двајцата челни луѓе на т.н. Совет на населби пред израелскиот парламент.

Постојат готови прецизни планови за изградба на нови станбени единици за сместување

Во неделата, шефот на израелската населба Ариел, изградена на централниот Западен Брег, јавно објави план за изградба на 11.000 нови станбени единици, но за еврејските доселеници. Натаму, општината Ерусалим најави и уште еден детален проект за спроведување на идејата за проширување.
Во меѓувреме, израелскиот медиум „Јнет“ објави дека водачот на „Советот на Самарија“, Јоси Даган, се сретнал со Масад Булос, висок советник на Трамп за Блискиот Исток, во Вашингтон. Средбата била дел од серијата разговори што Јоси Даган и неговиот тим моментално ги одржуваат во главниот град на САД. Медиумот тврди дека нивната цел е лобирање: „Да градат коалиции за поддршка на активностите за населување на Западниот Брег и да се едуцираат и промовираат разбирање во администрацијата (во Конгресот и во Сенатот на САД) за важноста од примена на суверенитет на Западниот Брег, сега и веднаш“.
Но во целиот комплициран „Случај за раселување од Појасот Газа“ треба да се потсетиме дека веќе 57 муслимански земји неодамна го поддржаа египетскиот план за решавање на проблемот со Појасот Газа, што е целосно спротивен на планот на Трамп. САД и Израел тогаш го отфрлија планот, а американскиот Стејт департмент ги поздрави напорите на Египет да постигне решение. Р.С.