Зеленски ја смени тактиката за градење релации со Трамп
Во соопштението на Белата куќа објавено по новиот разговор на американскиот претседател Доналд Трамп со украинскиот претседател Володимир Зеленски се наведува дека „Зеленски пет пати му се заблагодарил на американскиот претседател“! Соопштението, пак, од официјален Киев вели дека „украинскиот претседател се заблагодарил само двапати, но на неколку места неговата изјава е полна со благодарност за американските постапки“
Извлечени поуки од претходни искуства
Според пишувањата на медиумите „Киев нешто научил од непријатното искуство во Овалната соба кога Зеленски беше наспроти Трамп и потпретседателот Џеј Ди Венс“. Најновата изјава на Зеленски, по последниот разговор со американскиот претседател звучи вака: „Сакам да бидам искрен, многу искрен. Не почувствував никаков притисок од Трамп, немаше. Ако го почувствував, ќе ви кажев, искрено“, изјави Зеленски за медиумите.
Од друга страна, официјален Вашингтон изјави дека „Киев ја избрал единствената тактика што му останала, а тоа е да прифати сѐ што ќе понуди Трамп, дури и ако тоа е во спротивност со договореното на ниво на американската и украинската делегација“.
Имено, тие се договорија за 30-дневен прекин на огнот на копно, море и воздух во Џеда пред нешто повеќе од една недела.
Третманот и односот на Трамп кон Зеленски и кон Путин не е еднаков
Зеленски може да побара, а тоа и го направил, „дополнителни системи за противвоздушна одбрана за заштита на цивилите, особено ракетни системи ’патриот’“, се наведува во соопштението лиферувано во медиумите од страна на Белата куќа.
Од друга страна, претседателот Трамп „се согласил да работи со него за да го најде она што е достапно, особено во Европа“, се истакнува во американското соопштение. Неколку часа подоцна, портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, потврди дека САД ќе ѝ помогнат на Украина да добие систем за воздушна одбрана.
Медиумите во САД анализираат дека третманот на Зеленски и третманот на Путин од страна на Трамп, во меѓусебните разговори, значително се разликуваат. Имено, медиумите подвлекуваат дека за Трамп, „Путин е рамноправен соговорник, со кого се прават стратегиски договори во однос на прекинот на огнот“, додека „улогата на Зеленски е да прифати сѐ што двајцата ќе се договорат и да не создава никакви пречки“.
Ново поле на интерес на САД за Украина
Интересно е што сега се појавува ново барање од Трамп, а тоа е дека „САД би можеле да бидат од голема помош во управувањето со снабдувањето со електрична енергија и нуклеарните централи на Украина поради американската експертска подготвеност, знаење и вештини од областа на електричната енергија и комуналните услуги“. По разговорот Трамп-Зеленски, украинскиот претседател го потврди тоа, но сепак се ограничи дека интересот на Трамп бил „само за најголемата европска нуклеарна централа Запорожје“, која е под руска контрола.
Во тој контекст, реномираниот „Њујорк тајмс“ ваквиот интерес на САД го поврзува со експлоатацијата на ретки минерали, бидејќи тој процес бара многу енергија. На ова Зеленски коментира дека „поради прекинот на работата на нуклеарна централа Запорожје, ќе бидат потребни две години електроцентралата да стане целосно оперативна, но дека енергијата што ја произведува им е потребна на Украина и на Европа“.
Прекин на огнот – да, но не за 24 часа
Претседателот на САД, Доналд Трамп, пред неколку дена изјави дека бил „малку саркастичен“ кога рекол дека „ќе ѝ стави крај на војната во Украина за 24 часа“.
Сè поочигледно е дека процесот ќе потрае. Аналитичарите тврдат дека и на рускиот претседател му одговара да го продолжи преговарачкиот процес за прекин на огнот, за да има што повеќе време за да постигне што повеќе цели на терен и внимателно да управува со преговарачкиот процес.
Важен елемент е дека разговорите Трамп-Путин далеку ја надминуваат украинската криза. Разговорите се проширени и на прашањето за иранската нуклеарна програма, потоа за ситуацијата на Блискиот Исток, па и за регионот на Црвено Море – нападите на јеменските Хути врз бродовите и американскиот одговор… Р.С.