Пентагон соопшти дека наредил преиспитување на трошоците со цел 50 милијарди долари да се пренасочат кон програмите кои се „поусогласени со приоритетите на американскиот претседател Доналд Трамп за национална одбрана“.
Ревизијата може да биде подготовка за американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет да ги оствари целите во азиско-пацифичкиот регион и да даде приоритет на обезбедувањето на границата на САД со Мексико, заедно со други реформи.
Хегсет побара да му бидат претставени предлозите за намалување на буџетот до 24 февруари за да се постигне годишно намалување од осум отсто во текот на пет години. Сепак, 17 сектори во Пентагон, чиј буџет во 2025 година е околу 850 милијарди долари, се изземени. Меѓу овие исклучоци се воените операции на границата со Мексико и модернизацијата на нуклеарниот арсенал.
„Вашингтон пост“ објави дека Европската команда, во време кога Вашингтон започна првични разговори со Русија за прашањето за конфликтот во Украина, кој беше критикуван од Киев и многу европски земји, не е на списокот на исклучоци. Исто така не се вклучени и воените команди во Блиски Исток и во Африка.
Буџетските кратења би можеле да се соочат со силен отпор, и од армијата и од Конгресот, каде што голем број пратеници, и републиканци и демократи, веруваат дека воените трошоци се неопходни за да се одвратат заканите, особено од Кина и Русија.
Според „Вашингтон пост“, Хегсет нагласил дека мисијата доделена од претседателот Трамп на Министерството за одбрана е јасна и гласи: „Постигнете мир преку сила“.