Санкциите на ЕУ влијаеа но очигледно не колку што очекуваше Европската комисија / Фото: ЕПА

Декласифициран извештај на американските разузнавачки служби ја открива финансиската кондиција на Русија

Војната во Украина и натаму е една од најприсутните теми во светските медиуми, па оттаму е разбирливо дека секој нов податок се анализира и се обработува, особено кога некоја информација доаѓа од релевантни извори. Така, деновиве светската јавност со големо внимание го проследи пишувањето на угледниот „Вашингтон пост“, кој објави „декласифициран извештај на американските разузнавачки служби“, во кој има процени за натамошниот развој на ситуацијата во Украина.
Според она што е наведено во извештајот, „Русија би требало да има доволно пари за да ја продолжи војната најмалку уште една година, и покрај санкциите“ што ѝ ги наметнуваат западните сојузници.

„Вашингтон пост“: Некои членови на руската економска елита можеби не се согласуваат со политиката на Кремљ

Високи функционери на рускиот режим, владините агенции и повеќето компании го почувствуваа влијанието на рестриктивните мерки, пишува во извештајот, но се обидуваат да се приспособат. Во разузнавачкиот извештај се тврди дека „некои членови на руската економска елита можеби не се согласуваат со политиката на Кремљ за Украина“ и дека „санкциите им наштетиле на нивните бизниси“, но дека е „малку е веројатно дека ќе ја повлечат поддршката за Владимир Путин“, проценија американските разузнавачки служби во март, а сега токму тоа е обелоденето во „Вашингтон пост“.
Руските власти, како што се наведува во документот, „сметаат на повисоки корпоративни даноци, средства од Националниот фонд за богатство, зголемен увоз и способност на компаниите да се приспособат за да помогнат во намалувањето на економските притисоци“ за да се ублажи влијанието на санкциите. Во американскиот извештај не се оценува ефикасноста на најновите рестриктивни мерки, ниту долгорочните последици од воведувањето на плафонот на цената на руската нафта, но се истакнува дека санкциите не само што треба да имаат директно влијание врз економијата туку треба да испратат и одреден сигнал до руската елита.

„Новаја газета Европа“: Русија успеа да ги зголеми своите „резерви во сенка“ на европските сметки до 100 милијарди долари во текот на 2022 година

Деновиве се појавија уште неколку анализи што откриваат како се обидува Русија да се избори со санкциите. На пример, веднаш откако Русија ја започна својата специјална воена операција во Украина, западните земји објавија дека ќе ги замрзнат златните резерви на Руската централна банка. Мерката влијаеше на околу 300 милијарди долари, бидејќи тие средства беа складирани во земји што воведоа санкции против Москва. Сепак, тие средства не можат да бидат запленети поради законски пречки, а само една третина од тие пари е успешно пронајдена. Во меѓувреме, Русија успеа да ги зголеми своите „резерви во сенка“ на европските сметки до 100 милијарди долари во текот на минатата година, открива „Новаја газета Европа“.
Иако САД, ЕУ, Јапонија и другите земји ги замрзнаа руските резерви, а западните политичари повремено го поставуваат ова прашање за да ѝ помогнат на Украина да застане на нозе, речиси нема напредок во правна смисла.
– Намерата е присутна, која не е правно безначајна; но има уште многу работа да се заврши – рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во летото 2022 година.
Во следните изјави Западот исфрли нејасни навестувања и беше очигледно дека Украина веројатно нема да добие барем дел од руските резерви додека трае војната.

Г7: Секое решение на конфликтот мора да обезбеди Русија да ја плати штетата што ја предизвика

Со соопштение се огласија и од Г7, кои претходно овој месец го искажаа својот став: „Руските средства во нашите јурисдикции ќе останат неподвижни додека дојде до решение за конфликтот поврзан со прекршувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина од страна на Русија. Секое решение на конфликтот мора да обезбеди Русија да ја плати штетата што ја предизвика“.
Многу е полесно да се работи со приватните фондови и со недвижен имот. САД веќе преминаа од замрзнување на банкарски сметки кон конфискација на имотот на руските олигарси што беа цел на санкции. На пример, судот во Њујорк донесе одлука да заплени 5,4 милиони долари во сопственост на рускиот бизнисмен и медиумски магнат Константин Малофеев и да ја префрли оваа сума како помош за Украина. Тоа е прв таков случај откако американското министерство за правда во пролетта 2022 година ја основа „Клептокапчр“, работна група за одржување на санкциите и извозните ограничувања против Русија и за возвраќање на „корумпираните руски олигарси“. САД исто така усвоија закон со кој се дозволува запленетите средства на „руските олигарси“ да ѝ бидат предадени на Украина како хуманитарна и воена помош. Буџетскиот дефицит на Русија достигна 2,4 трилиони рубли (26,5 милијарди евра) во првиот квартал од 2023 година, иако руската влада планираше дефицит од само три трилиони рубли (33,1 милијарди евра) за цела 2023 година. Јавната потрошувачка се забрза на 122 милијарди рубли (1,35 милијарда евра) дневно во првата половина на април, по 75 милијарди (830 милиони евра) во март и речиси 100 милијарди (1,1 милијарда евра) во февруари и јануари. Сепак, рано е да се заклучи дека може да има дефицит во април, бидејќи овој скок на трошоците може да биде привремен и не е јасно што се случува со приходите.
Но Русија има и тајни резерви, па „Блумберг“ пресмета дека од вишокот на платниот биланс од 227 милијарди долари, околу една третина (80 милијарди долари) останува во странство. Кремљ ги чува како готовина или инвестиции во недвижен имот и бизниси, поради што западните економисти веруваат дека руските резерви нема да пресушат наскоро. И ако Кремљ ги снема, тоа нема да биде поради санкциите.
– Хроничниот буџетски дефицит секако може да стане реалност, а властите ќе бараат начини да го покријат. Но ова не е ситуација кога нема повеќе пари. Тоа ќе се случи само ако светската цена на нафтата падне под 50 долари – предвидуваат експертите со кои се консултира „Блумберг“.
Покрај тоа, западните санкции наметнати на Москва значат голем бизнис за други локации во поранешниот Советски Сојуз, со појавата на посредници што се тркаат да заработат пари со препродажба на стоки недостапни за Русија.
– Овие нови синџири на снабдување, кои ги одржуваат Русите добро снабдени со алкохол, луксузни стоки и други западни производи, ги поткопуваат напорите на Европа да ја казни Москва и треба да бидат блокирани – предупреди деновиве Габриелиус Ландсбергис, министерот за надворешни работи на Литванија.
Неговата теза ја потврдија и бројките. Грузија забележа раст на трговијата со Русија речиси за 22 отсто во изминатата година, додека количеството алкохол што го извезува во Русија е зголемено за повеќе од 120 отсто. Извозот на Казахстан во Русија нагло порасна во истиот период, за околу 57 отсто. Ерменија, која одржува блиски трговски врски со Русија, забележа раст на БДП за неочекувани 11 отсто минатата година, додека извозот во Русија се зголеми за пет пати, а трансферите од Русија се зголемија седум пати на годишно ниво, покажуваат податоците на Светската банка. Во исто време забележа буџетски суфицит, а нејзината валута, драмот, беше една од најдобрите во светот.


Западните земји се согласија за санкции за рускиот извоз на нафта во средината на 2022 година и ги спроведоа кон крајот на истата година. Прво, стапи во сила ембаргото за поморски увоз на нафта од страна на земјите од Европската Унија (ЕУ), дополнително погодено од оштетувањето на гасоводот „Северен тек“ од непознати напаѓачи. Второ, до крајот на годината, земјите од Г7 се согласија на ограничување на цената на нафтата од 60 долари за барел на руската нафта. Забраната на ЕУ за нафта и ограничувањето на цената ја чинат Русија околу 160 милиони евра дневно.
Пишувајќи во „Економик опсерватори“, Ричард Дизни, професор по економија на Универзитетот во Сасекс, проценува дека Русија заработува 640 милиони евра дневно од извозот на фосилни горива, што е помалку од највисокото ниво од една милијарда евра во март-мај 2022 година. Европската забрана за увоз на рафинирана нафта, продолжувањето на нејзиното ценовно ограничување и намалувањето на испораките преку нафтоводите до Полска се проценува дека го намалиле тоа за дополнителни 120 милиони евра дневно.