Фото: Влада

Папата Франциск денеска ја отслужи мисата за беатификација на папата Јован Павле Први, кој беше на чело на Ватикан само 33 дена и почина во 1978 година, јавија светските агенции.

Неколку илјади верници, меѓу кои и италијанскиот претседател Серџо Матарела, и покрај дождот и грмотевиците, дојдоа на плоштадот Свети Петар на мисата за беатификација, што е фаза која и претходи на канонизацијата на Јован Павле Први за негово прогласување за светец.

-Со својата насмевка папата Лучиани (како што е вистинското име на Јован Павле Први) можеше да им ја пренесе Божјата добрина на луѓето. Добро е Црквата да има радосно, весело и насмеано лице, секогаш да изгледа отворено, да не ги стврднува срцата, да не жали и да не чува горчина, да не се лути и да не е нетолерантна, да не бара носталгија за минатото – рече денеска папата Франциск на литургијата.

Јован Павле Први, познат како „насмеаниот папа“, е последниот италијански папа. Неговото вистинско име беше Албино Лучиани. Тој беше популарен и близок со народот и го наследи папата Јован Шести во август 1978 година, на 65-годишна возраст. Но, по само 33 дена минати на светата столица, почина од срцев удар.

Роден во 1912 година во северна Италија во семејство од работничка класа, Лучиани имал докторат по теологија и бил на чело на Венецијанската бискупија, пред да стане кардинал во 1973 година. Тој бил доживуван како човек на консензусот и успеал да го наметне својот личен стил за должноста да биде папа. Го бранел ставот на Римокатоличката црква против абортусот и контрацепцијата, но почнал со внатрешни реформи во неа. Според аналитичарите, тој му дал хуман лик на папството и ги поедноставил ватиканските протоколи.

За папата Јован Павле Први да биде прогласен за светец мора да направил чудо. Чудото што му се припишува од исцелувањето на мало девојче во Буенос Аирес, кое умирало, а откако еден локален свештеник се молел за него, спомнувајќи го името на Јован Павле Први во неговите молитви, детето преживеало.