Аналена Бербок - Фото: ЕПА

Поранешна министерка за надворешни работи на Германија избрана за нов претседател на Генералното собрание на Обединетите нации

Поранешната германска министерка за надворешни работи Аналена Бербок беше избрана за претседател на Генералното собрание на Обединетите нации по тајно гласање во Њујорк. Таа доби 167 гласа и беше единствениот кандидат за таа позиција. Бербок изрази благодарност за изборот, истакнувајќи дека сака да биде „чесен посредник“ во име на Генералното собрание.

Таа ќе ја преземе улогата, која е во голема мера церемонијална, на инаугурацијата на 9 септември, кратко пред годишното Генерално собрание. Нејзиниот мандат на оваа позиција ќе трае една година.

Петтата жена во историјата што ќе го предводи Генералното собрание на ОН

Бербок е петтата жена што ја држи оваа позиција откако ООН беше основана пред речиси 80 години, а сите 193 земји членки на ООН се претставени во Генералното собрание.

Таа претходно беше шефица на германската дипломатија, а на позицијата министерка за надворешни работи наиде на поделени реакции од граѓаните. Како што обично се случува кога некој е во таа позиција, Бербок беше и под будното око на јавноста, која го следеше и го мереше секој нејзин чекор и потег.

Се бара ревизорски извештај за персоналните трошоци на Аналена Бербок

Аналена Бербок претрпе голем број критики од јавноста оваа пролет, кога беа објавени извештаите од 2022 година, кои покажаа колку многу пари биле издвоени за нејзиниот фризер. Нејзините трошоци за шминка и фризура за 2022 година изнесуваа 136.500 евра, за која граѓаните имаат впечаток дека „навистина е огромна сума“.
Од друга страна, на острите осуди од јавноста, Аналена им одговори на новинарите „дека шминката за настапите на телевизија е неопходна поради силните рефлектори во студиото“.
– Инаку, изгледате како гробар, бидејќи сте сосема сиви – се обиде да се правда Аналена Бербок.

Весникот „Велт“ потоа на шега праша дали министерот не требало да каже „гробарка“, алудирајќи инаку на инсистирањето на Зелената партија на родово сензитивен јазик. Тие додадоа дека „изјавата е сè уште свежа, па затоа ниедно погребално претпријатие или здружение на гробари сè уште не се побунило против оваа споредба“.
Како што дополнително објасни Бербок, тешко е секогаш да се најде шминкер на самото место кога патува, особено во странство, па затоа секогаш има придружба.
– Затоа е вообичаено да се има шминкер – на крајот на краиштата, не само со мене, туку и со жените често се дискутира за тоа – но и во канцеларијата и со други господа – рече таа.

И бидејќи патува „многу, многу“, често ноќе, трошоците за дневници се исто така високи, рече Бербок, додавајќи дека Министерството за надворешни работи ги следи тамошните прописи.

Еден и пол милион евра во 2022 година за фотографи, шминкери и фризери…

Медиумите пишуваа и дека Владата под палката на Олаф Шолц (СПД), во која сè уште беа зелените и либералите, издвоила дури 1,5 милион евра во 2022 година за фотографи, шминкери и фризери, што е зголемување од 80 проценти во споредба со претходната година, кога сè уште владееше Ангела Меркел.
– Сметаме дека луѓето во Владата можат да остават добар впечаток дури и без скапи шминкери на сметка на даночните обврзници – објави за тоа Здружението на даночни обврзници.
Германскиот медиум „Билд“, пишувајќи за оваа тема, напиша наслов: „Вака политичарите ги пудерисуваат нашите даночни пари“.
Јавноста беше особено изненадена што, по неприкосновената шампионка во потрошувачка, Аналена Бербок, втор најголем трошач за шминка и фризура беше тогашниот канцелар Шолц (40.000 евра годишно), иако, според злите јазици, тој нема што многу да фризира.

Ангела Меркел уште троши околу три илјади евра месечно за фризери и шминка на сметка на граѓаните

Мора да се признае, имаше и политичари од редовите на Христијанските демократи (ЦДУ) што платија многу за својот изглед, но не ја пропуштија можноста да ја критикуваат Аналена Бербок.

Нивниот политичар, Кристоф Плос, за „Билд“ изјави дека во принцип е во ред државата да ги сноси трошоците за репрезентација, но дека тоа било „злоупотреба“ во случајот со Бербок.
– Не е шега кога вреден даночен обврзник мора да плаќа петцифрена сума секој месец за фризурата на Аналена Бербок – рече тој.
Плос не коментираше за фактот дека Ангела Меркел, како поранешна канцеларка, сè уште троши околу три илјади евра месечно за фризери и шминка – на сметка на даночните обврзници.Р.С.