Фото: Нова Македонија

Ќе се заострат правилата за проверка кој телефонски разговара со претседателот на државата, затоа што минатата недела, руски комичари го измамија Анджеј Дуда дека еден од нив е францускиот претседател Емануел Макрон, па разговараа со него седум ипол минути. За ова денеска информираше полскиот премиер Матеуш Моравјецки.

– Тоа е пример колку е опасна не само руската пропаганда, туку пред сè, кибер нападите. Разни светски политичари беа жртви на такви комичарски напади. Уверен сум дека надлежните служби ќе ги заострат правилата – подвлече полскиот премиер.

Комичарите Вован и Лексус – Владимир Кузнјецов и Алексеј Столаров веќе двапати го измамија Дуда, кој повеќе од седум минути одговараше на прашања, за тоа што е дознаено за експлозијата од ракетата во селото Пжеводов на границата со Украина, за тоа што кажал тој во разговор со американскиот или украинскиот претседател, верувајќи дека зборува со Макрон.

– Емануел, ова е војна. Мислам дека за тоа двете страни ќе се обвинуваат една со друга – му вели полскиот претседател на лажниот Макрон, а кога комичарите посочија оти не е потребна ескалација на односот меѓу НАТО и Русија, Дуда нагласува дека ниту тој не сака војна со оваа држава.

Следуваше лавина огорчени коментари на социјалните мрежи од страна на Полјаци. За нив, тоа е бламирање и на луѓето околу претседателот и на самиот шеф на државата, бидејќи ова е веќе вторпат, откако пред две години руски комичари го измамија Дуда, терајќи го да верува дека разговара со генералниот секретар на Обединетите Нации. Кабинетот на претседателот соопшти дека го проверува инцидентот и оти ќе преземе мерки тоа да не се случи повторно.

„Кога претседателот сфати дека разговорот не се води на типичен начин, го прекина“, соопшти Кабинетот.

Шеговитиот разговор со руските комичари е овозможен бидејќи службеникот од претседателскиот кабинет не проверил како што е пропишано, дали навистина станува збор за францускиот претседател, неофицијално дознава полското радио РМФ ФМ.

Извори од претседателскиот кабинет, исто така, тврдат дека лажниот Макрон во телефонскиот разговор не зборувал англиски со забележлив руски нагласок, како што објавија комичарите. Тие веруваат оти тој дел е нешто снимено од друг, а не оригинал од разговорот.

Претседателот на Полска не е единствена жртва на шегите на Вован и Лексус. Меѓу другите кои наседнаа на нивните повици се и Емануел Макрон, поранешниот британски премиер Борис Џонсон, премиерот на Канада, Џастин Трудо.