Генералниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, и извршната директорка на вестите, Дебора Тернес, поднесоа оставки по критиките дека документарецот на Би-би-си „Панорама“ ги довел во заблуда гледачите со монтажа на говор на американскиот претседател Доналд Трамп.
Во својата оставка, Тим Дејви наведе дека по 20 години го напушта медиумскиот сервис.
– Сакав да ве известам дека одлучив да го напуштам Би-Би-Си по 20 години. Ова е целосно моја одлука и останувам многу благодарен на претседателот и Управниот одбор за нивната непоколеблива и едногласна поддршка во текот на целиот мој мандат, вклучително и во последните неколку дена. Работам на точни временски рокови со Управниот одбор за да овозможам уредна транзиција кон наследникот во наредните месеци … Размислував за многу интензивните лични и професионални барања за управување со оваа улога низ многу години во овие трескавични времиња, во комбинација со фактот дека сакам да му дадам време на наследникот да помогне во обликувањето на плановите за Повелбата што ќе ги спроведува. Во овие сè повеќе поларизирани времиња, Би-Би-Си е од единствена вредност и го зборува најдоброто од нас. Помага Велика Британија да биде посебно место; исклучително љубезно, толерантно и љубопитно. Како и сите јавни организации, Би-би-си не е совршен и секогаш мора да бидеме отворени, транспарентни и одговорни. Иако не е единствената причина, актуелната дебата околу вестите на Би-би-си разбирливо придонесе за мојата одлука – додаде Дејви.
Тој заклучи дека медиумот работи добро, но потенцираше дека имало грешки заради кои тој ја презема одговорноста.
Трамп ги оцени новинарите на Би-Би-Си како корумпирани поради спорната монтажа на неговиот говор
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на неговата социјална мрежа Трут Социјал (Truth Social) ги оцени новинарите на британската телевизиска мрежа Би-би-си како „корумпирани“ по соопштението за оставките на генералниот директор и уредничката на информативната програма, кои биле вмешани во контроверзна монтажа на еден од неговите говори.
– Највисоките луѓе во Би-би-си, вклучувајќи го и Тим Дејви, шефот, сите даваат отказ/се отпуштат, бидејќи беа фатени како го „фалсификуваат“ мојот многу добар (совршен) говор од 6 јануари. Благодарност до Телеграф за разоткривањето на овие корумпирани „новинари“. Ова се многу нечесни луѓе кои се обидоа да влијаат на претседателските избори. Пред се, тие се од странска земја, земја која многумина ја сметаат за наш сојузник број еден. Каква ужасна работа за демократијата – напиша Трамп.
Аферата, која во вторникот ја откри британскиот весник Дејли телеграф (The Daily Telegraph), се однесува на документарен филм емитуван една недела пред претседателските избори во САД на 5 ноември 2024 година.
Би-би-си беше обвинет дека монтирал делови од говорот на Доналд Трамп одржан на 6 јануари 2021 година, на таков начин што изгледало како да им кажува на своите приврзаници дека ќе маршира со нив до Капитол за да „се борат како ѓаволи“.


































