Самите основи на германскиот економски модел беа доведени во прашање во последните месеци. Ова стана особено забележливо по почетокот на војната во Украина. Каква е иднината на Германија како земја на индустријата?
ПОЧЕТОК НА ДЕИНДУСТРИЈАЛИЗАЦИЈАТА
Успешната формула што во изминатиов период го красеше бизнисот на германските компании беше на изглед крајно едноставна: увоз на суровини и истовремено производство на делови во земји каде што работната сила е поевтина, а потоа сето тоа да се состави во Германија во вреден производ што може да се продава по цени на високо ниво на светскиот пазар. Се разбира, формулата беше успешна, даваше забележителни резултати и немаше причина да се менува која било компонента. Но поради цела низа настани, а пред сѐ украинската криза, состојбите на геополитичката сцена се сменија, во преден план дојде проблемот со снабдување со енергенти, што предизвика дополнителна низа проблеми. Конкретно, сега за индустријата со седиште во самата Германија, освен скапата работна сила, се појавува уште еден проблем: сѐ поскапите извори на енергија.
– Просторот на Германија е под зголемен притисок. Тоа се гледа и од фактот што нарачките се сѐ попразни – наведува Јуп Ценсен од Германската индустриска и трговска комора (ДИХК).
Нема враќање на старите патишта
Индустриското производство во развиените земји од Западна Европа веќе подолго време се намалува, а во тој тренд е и Германија, иако нешто помалку. Индустриското производство, на пример, сочинуваше 22,8 отсто од БДП на земјата во 2016 година, а само 20,8 отсто лани.
– Кога ќе погледнеме наназад на оваа енергетска криза по десет години, ќе видиме дека тоа беше почеток на уште побрза деиндустријализација на Германија – смета Ерик Хајман од Дојче банк.
Дека оваа сегашна енергетска криза е пресвртница е уверен и Урлих Катер од Дека-банка.
– Компаниите на кои им треба многу енергија за да работат и сега го намалуваат производството, никогаш нема да го вратат производството на преткризното ниво. Тие ќе го преселат своето производство во земји каде што изворите на енергија се поевтини – па дури и во Северна Америка, и покрај фактот што доларот во моментов е повеќе од скап – вели тој.
Пресметката е јасна, но има и дилема: Германија и цела Европа сфатија колку е болно да се биде зависен од увоз – од лекови и фармацевтски производи до чипс и високотехнолошки производи. Дури и во текстилната индустрија видоа колкав е ризикот кога се чека контејнер со стока за следната сезона што може или не може да стигне навреме. Во секој случај и политичарите и бизнисмените велат дека производството треба да се врати во Европа.
Па што да се прави? Многу мали фирми што не работат на глобално ниво немаат никаков избор. Згора на тоа, тука е и процесот на автоматизација на производството, што подразбира дека ќе опстанат само оние компании што имаат средства за големи инвестиции – но со помалку работни места.
Многу работи веќе нема да можат да останат како што беа, дури и кога станува збор за кинескиот пазар. На пример, Урлих Катер предупредува дека и оваа земја сака значително да го намали увозот.
Можеби доживува деиндустријализација, но брзината со која Германија гради терминали за течен гас е неверојатна
Опасноста за индустриската област на Германија лежи и во огромните тешкотии со инфраструктурата.
Јорг Кремер од Комерц-банка предупредува дека со години се забележува „ерозија на квалитетот на германскиот индустриски простор“: патиштата и железницата се дотраени, информациската мрежа е полоша отколку во некои многу посиромашни земји, а има навидум непремостливи проблеми во вртењето на одржливи извори на енергија.
Додуша, брзината со која Германија гради терминали за течен гас покажува дека може да биде поинаква.
Во секој случај, времињата на евтина енергија нема да се вратат, а цената неизбежно ќе ја платат малите и средните компании, пред сѐ во оние економски сектори каде што се троши многу енергија, според Ерик Хајман од Дојче банк.
– Приспособувањето на новата ера во снабдувањето со енергија ќе биде преголем предизвик, на кој некои компании ќе мора да потфрлат – вели тој во својата анализа.