При прогласувањето изборна победа во Унгарија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого западните медиуми го квалификуваат како про-Путин, прогласи победа на националните избори во земјата, обезбедувајќи четврти последователен мандат на власт.
– Оваа победа треба да се памети, можеби дури и до крајот на нашите животи, затоа што имавме најголем број на противници кои требаше да ги совладаме. Левицата дома, меѓународната левица, бирократите во Брисел, парите од империјата на Сорос, меѓународните медиуми, па дури и украинскиот претседател – изјави Орбан, пренесува „Гардијан“.
Се чини дека тој алудира на критиките од Зеленски, кој го искористи неговото вечерно обраќање за да го прекори за поддршка за рускиот претседател Владимир Путин.
– Тој е практично единствениот во Европа кој отворено го поддржува господинот Путин. Цела Европа се обидува да ја запре војната, да го врати мирот. Тогаш зошто официјална Будимпешта е опозиција на цела Европа, на сите цивилизирани земји? – истакна Зеленски.