Фото: Пекселс

Обединетите нации се обидуваат да посредуваат во договор со Русија за да ѝ овозможат на Украина повторно да извезува жито преку Црното Море, додека официјални лица и функционери од администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден се многу скептични дека Русија работи со добра волја, пишува денеска Политико.

Според порталот, нивната примарна причина за песимизам се неодамнешните коментари на рускиот претседател Владимир Путин и руски функционери кои сугерираат дека ќе ја ублажат блокадата на украинските пристаништа доколку, за возврат, Западот ги укине економските санкции против Москва.

Американски функционер го опиша предлогот на Москва како „дипломатија на изнудување“ и рече дека САД нема да се согласат на договор што ќе стави каков било крај на економски притисок врз Кремљ.

Секој договор да ѝ се дозволи на Украина да извезува жито пред летната жетва на пченицата ќе биде голем чекор напред, а американските власти и светските компании внимателно ги следат преговорите на Русија со ОН, како и одделни разговори со Турција за да се овозможи безбеден влез на украинското жито на светските пазари.

Блокадата на украинските пристаништа ги смени глобалните трговски патишта и се заканува финансиски да ја задуши Украина и да ја продлабочи кризата со глад ширум светот, оценува „Политико“.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш се обидува да постигне договор со кој ќе се погрижи украинските и руските товари со храна и ѓубрива безбедно да стигнат до странските пазари.

– Тешко е да се гледаат руските понуди во добра намера со оглед на тоа како тие активно и намерно ги уништуваат прехранбените производи во Украина и ја влошуваат глобалната несигурност во однос на храната – рече американски функционер, мислејќи на тековните напади на руските сили на врз украински земјоделски објекти и полиња.


Москва ќе дозволи извоз на жито од пристаништето Одеса

Руската Влада планира да им дозволи на бродовите што превезуваат жито да го напуштат пристаништето Одеса, во Украина, со што ќе ја ублажи блокадата која предизвика страв од недостиг на храна и глад, пренесува ДПА.

Руските власти се договориле со Киев и Анкара за шема за ослободување на пратки со жито од Одеса, која беше под блокада, објавил провладиниот весник Известија, цитирајќи владини кругови.

– Во територијалните води на соседната земја, турските воени сили ќе го преземат деминирањето и тие исто така ќе ги придружуваат бродовите до неутрални води – се вели во денешниот извештај.

Руските воени бродови потоа ќе ги придружуваат бродовите што пренесуваат жито до Босфорот.

Овој чекор доаѓа откако цените на храната постојано се зголемуваат по војната на Москва против Украина што доведе до огромни турбуленции на светските пазари. Украина е еден од најголемите светски извозници на жито, а падот на нејзините испораки по руската инвазија тешко ги погоди африканските земји.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна го прими претседателот на Африканската унија и Сенегал, Меки Сал со кого разговараа за ова прашање, потсетува ДПА.

Додека Путин негираше дека Русија е одговорна за високите цени, тој рече дека е подготвен да ја олесни испораката на жито.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се очекува во среда во Анкара на разговори за ова прашање. По разговорите, шемата за ослободување жито од Одеса треба да биде официјално одобрена, пишува весникот.