На речиси осум милиони луѓе во Јужен Судан или две третини од населението им се заканува недостиг од храна и глад, предупредија Обединетите нации.
– Гладот и неухранетоста се во пораст во делови на Јужен Судан, зафатени од поплави, суша и конфликти, а некои заедници се изложени на ризик од глад доколку прекине испораката хуманитарната помош и не се засилат мерките за климатска адаптација – се вели во денеска објавениот извештај, изготвен од Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО), Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ) и Светската програма за храна.
Според документот, никогаш не бил поголем бројот луѓе изложени на ризик од недостиг на храна, надминувајќи го дури и нивото забележано за време на конфликтите во 2013 и 2016 година.
На 7,76 милиони луѓе им се заканува акутна несигурност во обезбедувањето храна во периодот до новата жетва, од април до јули 2023 година, а 1,4 милиони деца ќе бидат неухранети, се посочува во извештајот.
Причини за таквата состојба се конфликтите, лошите макроекономски услови, екстремните временски неприлики, наглото поскапување на храната и горивото и падот на финансирањето на хуманитарните програми, велат авторите.
„Јужен Судан е на првата линија на климатската криза, со семејства кои секојдневно ги губат своите домови, добитокот, земјиштето и надежта поради екстремните временски услови“,изјави Макена Вокер, привремен директор на Светската програма за храна за Јужен Судан.
– Успееме ли да воспоставиме мир во земјата, особено во областите каде што моментално има тензии, сме изминале половина од патот кон решавањето на проблемот со безбедноста на храната, така што консолидацијата на мирот е наша главна задача – рече министерката за земјоделство и безбедност на храна на Јужен Судан, Жозефин Лагу, на денешната презентација на извештајот.
Во 2017 година глад беше прогласена во Јужен Судан во областите Лееру и Мајендито во државата Унити, што често беа место на конфликти.
Јужен Судан, најмладата земја во светот, е зафатен од крвави конфликти, природни катастрофи, економска криза и постојана борба за власт откако се стекна со независност од Судан во 2011 година.
Петгодишната граѓанска војна што заврши во 2018 година однесе речиси 400 илјади животи.