Иранската „репресија на мирните протести“ и „институционалната дискриминација врз жените и девојчињата“ доведоа до кршење на човековите права, од кои некои може да се окарактеризираат како „злосторства против човештвото“, се вели во извештајот на Обединетите нации.
Таквите прекршувања и злосторства вклучуваат „вонсудски и незаконски убиства, непотребна и непропорционална употреба на сила, произволно лишување од слобода, тортура, силување, присилни исчезнувања и родово засновано прогонство, се вели во соопштението.
Во извештајот се наведува дека кршењето на правата на жените значително се влошило по протестите „Жена, живот, слобода“ предизвикани од смртта на 22-годишната иранско-курдка Џина Махса Амини во септември 2022 година. Амини беше уапсена бидејќи наводно не ја почитувала обврската на Иран да носи хиџаб, а починала во притвор откако била изложена на физичко насилство од т.н. „морална полиција“.
-Наместо веднаш, ефективно и темелно да ја истражи оваа незаконска смрт, како што налага меѓународното право за човекови права, владата активно ја прикриваше вистината и ја негираше правдата – се вели во соопштението на ОН.
Во владиното задушување на протестите ширум земјата, Иран го мобилизираше „целиот државен безбедносен апарат за да се запрат“ демонстрантите, соопшти канцеларијата на ОН, додавајќи дека се верува дека безбедносните сили убиле дури 551 демонстрант, вклучително и најмалку 49 жени и 68 деца.
Претходно денеска локалните медиуми објавија дека во Иран биле уапсени две млади жени по објавувањето на видео на кое тие танцуваат за да го прослават доаѓањето на Новруз (персиската Нова година) која почнува на 20 март.