Кина влегува во ново ИТ-ниво
Кина одобри проект што вклучува изградба на осум национални компјутерски центри. Исто така, Кина планира да изгради и 10 нови централни кластери за национални податоци. Ова укажува на фактот дека нејзината стратегија за канализирање на поголем број ресурси од источниот регион на земјата во помалку развиените, но сепак полни со ресурси западни региони, се одвива со полна пареа.
Проектот – одобрен од страна на Националната комисија за развој и реформи и од три централни административни одделенија – го означува комплетирањето на севкупниот распоред за воспоставување национален интегриран систем на центри за податоци од голема важност. Со оваа реализација уште повеќе ќе се зајакне дигиталниот развој на државата.
Оптимизација на ресурсите
По проектот за водно пренасочување од југ кон север, гасоводот запад – исток и програмата за пренос на електрична енергија од запад кон исток ова е уште еден меѓурегионален проект во кинеската потрага по висококвалитетен развој, преку оптимизација на ресурсите и поттикнување на одржливиот развој.
„Исто како во случајот со проектот за пренасочување вода од југ кон север и со програмата за пренос на електрична енергија од запад кон исток, треба да ги обединиме системот и механизмот на земјата, со цел да направиме интегрирани аранжмани на национално ниво“, изјави за весникот „Хсинхуа“ претставникот на Комисијата за национален развој и реформи, Сун Веи.
Осумте национални компјутерски центри ќе бидат изградени во регионот Пекинг-Тианџин-Хебеи, делтата на реката Јангце, областа околу големиот залив Гуандонг-Хонг Конг-Макао, економскиот округ Ченгду-Чонгкинг, автономниот регион Внатрешна Монголија во северна Кина, југозападната кинеска провинција Гуижоу, северозападната кинеска провинција Гансу и автономниот регион Нингџиа Хуи.
Овие осум национални компјутерски центри, како клучна врска со кинеската компјутерска мрежа, ќе развијат кластери со центри за податоци, ќе спроведат во дело конструкција помеѓу центрите за податоци и ќе го премостат јазот меѓу источните и западните региони во однос на компјутерските ресурси.
Сан нагласи дека во овој момент поголемиот дел од кинеските центри за податоци се дистрибуирани во источните кинески региони, па така енергетските ресурси во овие региони претставуваат закана за одржливиот развој на центрите за податоци.
„Наспроти тоа, западните кинески региони се богати со ресурси – особено со обновлива енергија – и имаат потенцијал за развој на центрите за податоци, задоволувајќи ги потребите за компјутерски податоци во источните региони на Кина“, рече Сан.
Промоција на зелениот развој
„Имплементацијата на проектот придонесува за промоција на зелениот развој и користењето зелена енергија во западните региони, како и за постојана оптимизација на енергетската ефикасност на центрите за податоци“, додаде Сан.
Во следната фаза, Кина ќе се фокусира на подобрување на влијанието на овие осум национални компјутерски центри, со цел да го поттикне интегрираниот и координиран развој на компјутерски податоци низ земјата.
Паралелно со растот во секторот за податоци од голема важност, Министерството за индустрија и информатичка технологија го претстави индустрискиот план во рамките на 14-от петгодишен план (2021-2025).
Предвидувањата велат дека до крајот на 2025 година, кинеската индустрија за податоци од голема важност ќе ја надмине сумата од три трилиони јуани (околу 474 милијарди долари), со приспособена годишна стапка на раст од околу 25 отсто.