„Волстрит журнал“: Израел воено ќе му возврати на Иран на цели во Сирија!
Според угледниот весник „Волстрит журнал“, наводно припадниците на иранската Исламска револуционерна гарда, како и на Хезболах, веќе ги напуштаат локациите во Сирија очекувајќи одмазднички израелски напад

Во вчерашната вест на реномираниот „Волстрит журнал“ се тврди дека Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) наводно ги повлекува своите највисоки воени советници од локации во Сирија, додека Техеран се подготвува за израелски одмазднички напад. Имено, интересно е што за оваа вест „Волстрит журнал“ цитира „сириски и ирански официјални лица“.
Веста доаѓа откако Иран во саботата лансира, како што се проценува, неколку стотици проектили и експлозивни беспилотни летала врз цели во Израел. Техеран го оправда нападот како одмазда за смртта на седумте офицери на ИРГЦ што беа убиени во израелски воздушен напад врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април. Во исто време, медиумот тврди дека ИРГЦ, како и либанската милитантна група Хезболах, го намалува присуството на своите високи офицери во Сирија, додека воениот персонал од среден ранг „се префрла од неговите првични локации во земјата“.
Весникот, цитирајќи воени експерти, појасни дека објектите поврзани со Иран во Сирија се најверојатните цели на израелските воздушни напади, бидејќи тие ѝ дозволуваат на еврејската држава да одговори, избегнувајќи директна размена на оган со Иран.
И покрај повиците од западните сојузници, пред сѐ САД, Израел да покаже воздржаност, сепак премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека ќе донесе свои одлуки за тоа како да се брани од напади од Иран.
САД, Европската Унија и групата индустриски развиени земји Г7 објавија планови за разгледување построги санкции кон Иран, за кои се смета дека имаат цел да го ублажат Израел и да го убедат да ја заузди својата одмазда за првите директни ирански напади.

Израелските воздухопловни сили доцна во средата соопштија дека нивните борбени авиони ја погодиле „терористичката инфраструктура“ на Хезболах поддржан од Иран во источен Либан, поттикнувајќи загриженост за понатамошна ескалација во судирите низ северната граница на Израел. Претходно, Нетанјаху се сретна со германскиот и британскиот министер за надворешни работи, кои отпатуваа во Израел како дел од координираните напори за спречување на конфронтацијата меѓу Израел и Иран да ескалира во регионален конфликт поттикнат од војната во Газа.Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека тој им се заблагодарил на Аналена Баербок и Дејвид Камерон за поддршката, притоа велејќи им: „Сакам да кажам јасно – ние самите ќе донесеме одлуки, а државата Израел ќе направи сѐ што е потребно за да се одбрани“.Претходно, Камерон рече дека сега е очигледно дека Израел планира да се одмазди за иранските ракетни и беспилотни напади.Баербок рече дека ескалацијата „нема да му послужи никому, ниту на безбедноста на Израел, ниту на многуте десетици заложници сѐ уште во рацете на Хамас, ниту на страдалното население во Газа, ниту на многуте луѓе во Иран, кои и сами страдаат под режимот…“
Јордан се приклучи кон повиците за воздржаност, предупредувајќи дека војната може да биде „погубна“ за регионот.Вашингтон вели дека планира да воведе нови санкции насочени кон иранската ракетна и беспилотна програма во наредните денови и очекува дека неговите сојузници ќе го следат примерот. Х.И.


Над 70 проценти од Израелците се против одмазднички напад

Според анкетата спроведена од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, 74 отсто од израелската јавност се противат на одмаздничкиот напад на Израел врз Иран. Ова го објави „Ерусалим пост“ во средата. Истражувањето било спроведено во периодот од недела до понеделник, а опфатило 1.466 испитаници на возраст од 18 и повеќе години.
Во текстот се нагласува дека со овој сооднос на декларации е предвидено дека таков напад ќе го поткопа безбедносниот сојуз меѓу САД, Обединетото Кралство, Франција и неколку умерени арапски земји, вклучувајќи ги Јордан и Саудиска Арабија.
Испитаниците биле прашани дали Израел треба да одговори на иранскиот напад, а 52 отсто рекле дека би било подобро да не се одговори за да му се стави крај на сегашниот круг на конфликт.


Како стојат односите на релацијата ЕУ – Иран?
ЕУ ќе ги засили воените санкции против Иран

Лидерите на Европската Унија во средата одлучија да ги засилат санкциите против Иран по ракетниот и беспилотен напад на Техеран врз Израел, што ги натера светските сили да се обидат да спречат поширок конфликт на Блискиот Исток.
– Чувствуваме дека е многу важно да се направи сѐ за да се изолира Иран – рече претседавачот на самитот Шарл Мишел, додавајќи дека новите санкции против Исламската Република ќе бидат насочени кон компаниите вклучени во производството на беспилотни летала и ракети.
Аналитичарите велат дека Иран најверојатно нема да се соочи со посериозни економска казна поради грижите за зголемување на цената на нафтата и гневот на главниот купувач Кина.