Генералниот секретар на Конфедерацијата на европски синдикати, Лука Висентини, ги поздрави напорите на лидерите вчера да постигнат компромис за ценовниот шок во енергијата, но смета дека мерките не се доволни, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Го цениме фактот што заклучоците на Советот разгледуваат механизам за ограничување на енергетските цени и некаков вид реформа на пазарот на енергетски цени, но тоа што беше најавено е нецелосно и недоволно, се огласи денес генералниот секретар на европските синдикати, Лука Висентини.
Според него вчерашните најави остануваат само декларации, без конкретни и смели мерки, додека цените продолжуваат вртоглаво да растат.
Европските синдикати сакаа да видат поконкретни одлуки, како оданочување на големите профити на компаниите, што би било неопходно за да се стави крај на пазарната шпекулација, но и ќе помогне за фер редистрибуција на богатството и солидарноста. Синдикатите, кои пред неколку дена објавија студија за падот на платите на работниците и растот на профитите на корпорациите, жалат што ЕУ лидерите не се осврнаа на итноста на состојбата со платите во ЕУ.
-Иако заклучоците содржат неколку референци за потребата да се земат предвид неколку мерки на солидарност во ЕУ, што е важен напредок, нема никаква референца за итната потреба за вонредни ЕУ алатки базирани на заеднички долг за да се поддржат работниците, домаќинствата и бизнисите кои се борат со кризата, изјави Висентини.
Тој потсети дека ситуацијата во која се наоѓа Европа бара итна реакција.
-Оваа криза ќе биде пострашна од пандемијата и ќе ги погоди работниците уште повеќе, поради тоа мора да се решава со највисок степен на амбиција и солидарност, како што беше сторено во 2020, рече генералниот секретар на Конфедерацијата на европски синдикати.