Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа потврди дека одобрувањето на договорот за помош на ЕУ за Украина е „јасен сигнал“ и за Русија и за САД, каде пакетот помош за таа земја е закочен во Конгресот.
– Ова е јасен сигнал за Москва дека Европа ќе остане силна и дека ниту еден деструктивен бран дизајниран од Кремљ не може да ја скрши – рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање до сонародниците.
Истовремено, додаде тој, тоа е јасен сигнал и за преку Атлантикот, сигнал дека Европа ги презема своите одговорности. Одговорности за безбедност. Силни обврски. Ги чекаме одлуките на САД, кажа Зеленски.
Лидерите на сите 27 земји-членки на вонредниот самит во Брисел вчера постигнаа договор за пакет помош за Украина во износ од 50 милијарди евра. Вонредниот самит беше свикан само за да се обиде да се добие согласност од Унгарија. На последниот самит во средината на декември 26 земји-членки постигнаа договор за помош на Украина, а против тоа беше само Унгарија.