Францускиот претседател Емануел Макрон ја смета одлуката за туркање на пензиските реформи како неопходна, но нејзината цена би можела да биде превисока, пишува „Њујорк Тајмс“.
– Имаме претседател што ја користи постојаната состојба на државен удар – кажа Оливие Фор, лидерот на француската Социјалистичка партија откако Макрон, без потполно парламентарно гласање, изминатата недела го истурка законот со кој се зголемува границата за пензионирање од 62 на 64-годишна старост.
– Користењето на, „нуклеарната опција“, како што телевизијата „Франс 24“ ја опиша состојбата, беше потполно во согласност со законот, во рамки на францускиот Устав. Но легалноста се разликува од легитимноста. Макрон можеби ја смета одлуката за неопходна за да го заврсти неговото политичко наследство, со што Франција по него ќе биде способна да се справи со предизвиците на 21-от век. Но, многумина Французи ја сметаат неговата постапка за претседателски диктат, за дамка врз неговата репутација и за удар врз француската демократија – наведува американскиот весник.
Францускиот парламент одговори со два предлога за гласање недоверба во Владата на Макрон. Веројатно нема да поминат поради поделбите во француската опозиција, но се јасен знак на големото незадоволство.
– Макрон по шест години на претседателската функција претставува осамена фигура во време на превирања – се вели во текстот на „Њујорк тајмс“.
Изолацијата беше видлива откако Париз остана затрупан од насобраниот отпад по двомесечните протести и штрајкот на службите надлежни за одржувањето на чистотата, а ваквата ситуација донесе сомнежи во власта за исходот од гласањето за пензиските реофрми.
– Тој успеа да ги антагонизира сите преку окупирање на целиот центар. Се чини дека ставот на Макрон е, по мене, потоп – смета политичкиот научник Жак Рупник.
Тоа што наликуваше на клучна победа за Макрон, дури и со благото мнозинство во полза на неговите политики, сега делува како пирова победа. Макрон нема јасен наследник, а по него останува голема празнина на француската политичка сцена за изборите во 2027 година, заклучува „Њујорк тајмс.