Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Миле Милошоски, специјализант на ортопедија, Општа болница „Борка Талески“ – Прилеп

Постериорна дислокација на зглобот на колкот е медицинска состојба која настанува кога главата на фемурот (бутната коска) излегува надвор од злгобот на колкот (ацетабулумот). Најчеста причина која доведува до оваа состојба се т.н. удари со пренос на висока кинетичка енергија (најчесто станува збор за сообраќајни незгоди при директен судир).

Клинички оваа состојба се карактеризира со болка, оток, скратување и внатрешна ротација на ногата.

Дијагностицирањето на оваа состојба освен според клинички изглед на пациентот најчесто се потврдува со РТГ снимка. Во најголем број на случаи доволна е РТГ снимка. Дополнителни клинички испитувања (КТ и НМР) се потребни при сомнеж за повреди на околните структури(најчесто фрактура на карлица или повреди на меките ткива) .

Во зависност од дијагнозата следува соодветен третман на истата. Доколку станува збор за изолирана повреда (луксација без фрактура) третманот подразбира некрвава репозиција во краткотрајна општа анестезија. Постојат повеќе техники за изведување на некрвава репозиција кои името го носат според лекарите што ја воведиле таа техника. Во принцип пациентот е легната на тврда подлога и е во општа анестезија и релаксиран, едниот ортопед изведува тракција на ногата со флексија во коленото додека другиот ортопед врши притисок на карлицата од предна страна. Репозицијата е обично успешна кога ке се слушне карактеристичен звук (кој настанува во моментот кога главата на бутната коска се врати во зглобниот простор на колкот). Важно е да се напомене дека доколку репозицијата се изведе без голем напор или не се слушне добро карактеричен звук при репонирањето треба да се направат и дополнителни дијагностички техники со цел да се исклучат придружни повреди.

Рехабилитацијата вообичаено зависи од возраста на пациентот. Пациентот може да се движи после репозицијата без да оптеретува на повредената нога во период од 2-3 месеци. Во овој период особено треба да се избегнуваат состојби кои може да водат до релуксација на зглобот на колкот ( како на пример обување патики).

Постериорната луксација на зглобот на колкот претставува акутна состојба која што ако се третира навремено и соодветно вообичаено не бара сериозен хирушки третман.