Нуклеарна електрана „Запорожје“/Фото: Енергоатом

Нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во југоисточна Украина и е под контрола на руските сили, моментално функционира преку единствениот преостанат надворешен далновод. Пред повеќе од една недела беше изгубен резервниот далновод, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, нагласи дека далноводот „Феросплавна-1“ бил урнат на 10 февруари, „наводно како резултат на воена активност“. Тој додаде дека централата, најголемата во Европа со шест реактори, сега се снабдува исклучиво преку далноводот „Дњепар“, пренесе МИА.

Иако централата не произведува електрична енергија, таа мора да има постојано напојување за да го одржува нуклеарниот материјал во безбедна состојба и да спречи топење на јадрото.

Русија и Украина постојано се обвинуваат меѓусебно за воени активности околу објектот, кои можат да ја загрозат нуклеарната безбедност. Во минатото, двата надворешни далноводи повеќепати биле во прекин, а минатата година централата речиси еден месец се потпирала на дизел генератори.

Според Гроси, набљудувачите на МААЕ кои постојано се присутни во Запорожје се обиделе да добијат информации за штетата, но безбедносните ограничувања им го оневозможиле пристапот до расклопната опрема.

– МААЕ е подготвена да даде точни информации за природата на штетата и за можните последици врз нуклеарната безбедност – изјави тој.

Контролата врз електраната останува клучна точка во преговорите меѓу Украина и Русија за изнаоѓање решение на нивниот речиси четиригодишен конфликт. Киев предложи управувањето со централата да биде преземено од Украина и САД, но Москва го оцени тоа како неприфатливо.