Утврдувањето колку голема закана може да биде птичјиот грип за луѓето е сè поголем приоритет за здравствените работници. Круцијално за да се направи таа процена е да дознаат повеќе за тоа како вирусот се движи од вид до вид
Здравствените работници внимателно следат нова потенцијална закана за луѓето
Се чини дека заканата од птичји грип за луѓето повторно расте. Имајќи предвид дека епидемиите на Х5Н1, опасен вид птичји грип, продолжуваат да ги погодуваат кравите во САД, Канада, Јужна Америка, Европа и во Азија, Светската здравствена организација (СЗО) на 5 јуни информираше за првиот случај на човечка инфекција со H5N2, различен вид птичји грип. Инфекцијата била со фатален исход.
Случајот првпат беше пријавен во СЗО на 23 мај од здравствените власти во Мексико Сити, каде што беше хоспитализиран 59-годишен маж со неколку други здравствени состојби. Пред да пријави отежнато дишење, дијареа и гадење, мажот бил прикован за кревет три недели. Тестирањето на националната лабораторија покажа дека човекот има H5N2, а дополнителното генетско секвенционирање го потврди сојот.
За разлика од неодамнешните случаи на Х5Н1 во САД кај луѓе, пациентот немал никаква позната изложеност на заразени животни. (Меѓутоа, неодамна беа пријавени епидемии на H5N2 кај живината во Мексико.) Добрата вест е дека ниту еден од блиските контакти на пациентот или оние што се грижат за него во болницата не биле позитивни на тестот за вирусот.
Што значи ова за луѓето
Птичјиот грип генерално не предизвикува сериозни болести кај луѓето, а во претходните случаи на ретки човечки инфекции, вирусот не се шири лесно од човек на човек. Првиот извештај за човечка инфекција со H5N2 „навистина не менува ништо во мојот ум“, вели д-р Шира Дорон, главен директор за контрола на инфекции во здравствениот систем „Тафтс медицин“. „Веќе долго време гледаме спорадични инфекции на птичји грип кај луѓето и многу ретко се пренесува на други луѓе. Но, како и секој птичји грип, треба да се внимава за да се увериме дека не најавува нов феномен“.
Прашања на кои итно треба да се одговори
Генетското секвенционирање на вирусот од мексиканскиот пациент ќе биде важно, бидејќи може да открие од кое животно најверојатно настанал или дали има некои загрижувачки промени што сигнализираат дека вирусот еволуира за полесно да се шири меѓу луѓето.
Секвенционирањето исто така ќе биде од клучно значење за потенцијално да се одговори на некои прашања за тоа како вирусот на птичји грип се префрла во повеќе видови цицачи.
– Веројатно постои улога овде за различни видови рецептори кај различни видови и во различни ткива кај тие видови – вели Дорон, бидејќи вирусот се чини дека преференцијално ги инфицира респираторните ткива кај птиците, ткивата на млечните жлезди кај кравите и конјунктивата или очите, кај луѓето.
– Она што останува нејасно, тоа е како кај секој нов заразен цицач се префрла вирусот и како поминува меѓу нив. Сè уште немаме разбирање за тоа како вирусот се пренесува од крава на крава, бидејќи има особено високи концентрации во млечните жлезди, но не и во респираторниот тракт. Тоа фрла сенка во целиот наш спектар на разбирање – вели таа.
Вирусот е сѐ поблиску до луѓето
Министерството за земјоделство на САД објави дека Х5Н1 е пронајден кај 11 домашни глувци во Ново Мексико. Фармите во државата пријавиле појава на Х5Н1 кај крави, па можно е глувците да консумирале непастеризирано млеко од заразени крави и самите да се заразат. Но тоа значи дека вирусот е сѐ поблиску до контакт со луѓе, бидејќи повеќето луѓе имаат поголема веројатност да се сретнат со домашни глувци отколку со млечни говеда.
– Секоја куќа, секој дом, секое сместување или кампување може да ги доведе луѓето во близок контакт со глувците – вели Дорон.
Во САД, здравствените власти го следат Х5Н1 во отпадните води, што може да даде ран сигнал за појава на случаи. Научниците со ВејствотерСЦАН-соработка помеѓу академски истражувачи и компанијата за здравствени податоци „Верили“, која придонесува со податоци до американските центри за контрола и превенција на болести, повторно ги тестираа старите примероци од пречистителни станици за комунални отпадни води и открија Х5Н1 во примероците околу една недела пред да има извештаи за непозната болест кај кравите во Тексас, каде што се случија некои од првите епидемии.
– Да имавме тестирање во реално време тогаш, тоа дефинитивно ќе дадеше водечка предност [на избувнувањето] – вели Марлен Волф, копрограмски директор за ВејствотерСЦАН и доцент по здравје на животната средина на школата за јавно здравје „Ролинс“ во Универзитетот „Емори“.
Групата продолжува да го следи Х5Н1 и сè уште ќе го прави тоа во есен и зима, кога другите видови грип ќе почнат да се шират меѓу луѓето. На тој начин, ќе можеме подобро да утврдиме дали птичјиот грип има некакво влијание врз луѓето.
Утврдувањето колку голема закана може да биде птичјиот грип за луѓето е сè поголем приоритет за здравствените работници. Круцијално за да се направи таа процена е да дознаат повеќе за тоа како вирусот се движи од вид до вид. На пример, не е јасно кои примероци од ткиво од глувците биле позитивни, па не е познато дали глувците го пренесуваат вирусот преку урина или измет (што може да претставува ризик за луѓето што би можеле да дојдат во контакт со нив) или преку други средства.
– Кравите, од друга страна, се чини дека не излачуваат многу вируси во урината или изметот, па иако вирусот циркулира кај цицачите, тој не е нужно многу пренослив. Тука би можеле да имаме среќа – вели Дорон.
Сепак, некои фармери убиваат болни крави за да избегнат широкораспространети случаи и потенцијал на заразено млеко што не може да се продава.
– И научниците треба да се грижат, бидејќи секогаш постои потенцијално првпат генетската промена да значи поголема преносливост кај луѓето – вели Дорон.
Повик за будење
Епидемијата на Х5Н1 и првиот случај на човечки Х5Н2 ја нагласуваат потребата здравствените службеници повторно да размислат како ќе ги следат трагите за грип.
– Не сфативме дека птичјиот грип циркулира кај кравите веројатно три месеци. По истиот принцип, може да има повеќе Х5Н2 во Мексико кај повеќе видови отколку птици – и ние треба да направиме поголем надзор. Треба да ги прошириме нашите умови за да бараме грип дури и на места каде што мислиме дека нема да го најдеме. С.Т.