Поранешната премиерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, која лани во февруари со воен преврат беше соборена од власта, денеска е осудена на три години затвор под обвинение за изборна измама, пренесуваат американските медиуми.
Новата казна само ќе го продолжи времето што де факто шефицата на демократски избраната цивилна влада на оваа земја во Југоисточна Азија, ќе треба да го мине во затвор, бидејќи добитничката на Нобеловата награда за мир во 1991 година веќе е осуденa на 17 години затвор по други обвиненија.
Казната воедно го загрозува и самото постоење на партијата на 77-годишната Су Чи – Националната лига за демократија (НЛД). Владејачката воена хунта отворено се закани дека ќе ја распушти НЛД пред парламентарните избори, што најави дека ќе се одржат следната година.
Партијата на Су Чи убедливо победи на изборите во 2020 година. Меѓутоа, нејзината влада беше соборена од војската со државен удар на 1 февруари 2021 година.
Војската ги оправда своите постапки со наводна широко распространета изборна измама. Меѓутоа, независните набљудувачи не најдоа сериозни неправилности, забележуваат американските медиуми.
По државниот удар безбедносните сили во Мјамар убиле речиси 2.100 цивили и притвориле повеќе од 15.000 лица, наведува локална невладина организација.
И двајца други високи членови на соборената цивилна влада, на кои им се судеше заедно со Аунг Сан Су Чи, денеска добија по три години затвор.