Официјален Пекинг соопшти дека ја прекинува соработката со Вашингтон во неколку области, како борбата против криминалот, трговијата со дрога, миграцијата и глобалното затоплување. Потег што го поттикна генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, да изјави дека е невозможно горливите проблеми на глобално ниво да се решаваат без ефикасен дијалог меѓу Кина и САД
Продолжуваат тензиите во Тајванскиот Теснец
Кина продолжи со воените вежби околу Тајван, а вчерашниот ден треба да биде последен од вежбовните маневри на кинеската армија, кои беа почнати како одговор на минатонеделната посета на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси. Властите во Тајпеј обвинија дека кинески авиони и бродови викендот спровеле симулација за напад врз островот, ова доаѓа ден откако кинеската армија истрела балистички ракети во правец на Тајван. Официјален Пекинг во меѓувреме донесе одлука да ја прекине соработката со САД во повеќе клучни области – чекор што американскиот државен секретар Ентони Блинкен го оцени како неодговорен.
– Посетата на спикерката беше мирна. Нема оправдување за овој екстремен, непропорционален и со ескалација воен одговор. САД ѝ пренесоа на НР Кина конзистентно и во повеќе наврати дека не бараме и нема да провоцираме криза. Претседателката Цај го кажа истото тоа. Кина одбра прекумерно да реагира и да ја искористи посетата на спикерката Пелоси како повод за да ја зголеми провокативната воена активност во и околу Тајванскиот Теснец – изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Кинеските власти, пак, тврдат дека мерките што се преземени биле соодветни, а воените вежби биле отворени, транспарентни и професионално спроведени. Шефот на кинеската дипломатија додаде и дека посетата на Пелоси инспирирала, како што кажа, 1,4 милијарда Кинези во намерата за обединување на татковината.
– Кина ги штити својот суверенитет и територијален интегритет, како и основните норми што владеат во меѓународните односи. Исто така ги штити и заедничките интереси на многу држави. Немешањето во внатрешните работи на некоја држава е најклучниот принцип за одржување мир и стабилност во светот – вели Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Официјален Пекинг соопшти дека ја прекинува соработката со Вашингтон во неколку области, како борбата против криминалот, трговијата со дрога, миграцијата и глобалното затоплување. Потег што го поттикна генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, да изјави дека е невозможно горливите проблеми на глобално ниво да се решаваат без ефикасен дијалог меѓу Кина и САД.
Политичките анализи во повеќето светски медиуми упатуваат дека ова претставува вовед во нова криза во Тајванскиот Теснец, за која не е јасно како ќе заврши. Но тоа што е сосема извесно е дека тоа можеше целосно да се избегне. Ова, веројатно, ќе го продлабочи јазот во односите меѓу САД и Кина. Дали претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси требаше да го посети Тајван сега е спорно. Посетата никогаш немаше да постигне ништо од позитивна суштина, барем ништо повредно за ризиците, пишува во освртот на „Насионалити интерест“.
Шели Ригер, еден од водечките американски експерти и поддржувачите на Тајван, побара објаснување за тоа „како Ненси Пелоси со посетата го прави Тајван побезбеден“. Сепак, се чини очигледно дека одлуката на Пелоси за посета беше водена првенствено од домашната политика, како што беше очигледната неподготвеност на претседателот Бајден да ја одврати Пелоси од патувањето. Конгресменот Ро Кана инсистираше на тоа дека „кинеската Комунистичка партија не може да го диктира распоредот на патувања на претседателот на Домот“.
Многу набљудувачи забележаа дека делегациите на американскиот конгрес често го посетуваат Тајван и дека имаше преседан во посетата на тогашниот претседател на Претставничкиот дом, Њут Гингрич, во 1997 година. Но ова целосно го занемарува сегашниот историски и политички контекст на посетата на Пелоси. Тоа доаѓа во пресрет на сериозниот пад на односите меѓу САД и Кина, кумулативните случувања во кинеската, американската и тајванската политика во изминатите дваесет и пет години што придонесоа за тој пад, а особено кумулативната ерозија на политиката на Вашингтон за „Една Кина“.
Се чини дека Вашингтон ја потцени или ја отфрли можноста за сериозна кинеска реакција на посетата на Пелоси, пресметувајќи дека Пекинг нема да ги преземе ризиците од нејзино ескалирање во криза – вклучувајќи ги и потенцијалните домашни политички ризици за Си Џинпинг во пресрет на претстојниот 20-ти кинески Конгрес на Комунистичката партија, каде што тој бара „реизбор“ за трет мандат.
Војната на зборови меѓу САД и Кина за Тајван „може лесно да ескалира“ и внимателно се следи во европските престолнини, пишува „Политико“.
„Понекогаш се случуваат најлоши сценарија“, рече Борис Руге, потпретседател на Минхенската безбедносна конференција, наведувајќи ја како пример руската инвазија на Украина. „Европејците би било добро да се подготват за непредвидени ситуации, да го поддржат Тајван додека остануваат во близок контакт со Пекинг и да помогнат во деескалација“.
Литванија стана единствената земја од ЕУ што јавно ја поддржа контроверзната американска посета на Тајван од страна на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, забележа „Еуобсервер“.
Зад молкот на ЕУ за посетата на Пелоси, „во европските престолнини имаше страв дека еден од можните одговори на Кина… може да биде забрзување на нивото на нејзината соработка со Москва“, напиша Џонатан Ејал, од британскиот аналитички центар.
Литванија веќе го привлече кинескиот гнев, вклучувајќи ги и трговските санкции, минатата година со тоа што дозволи Тајван да отвори „амбасада“ во Вилнус и со испраќање министри и пратеници на посети на Тајпеј.
Подготвил: Митко Јовановски