Уште еден член на Европскиот парламент е уапсен како резултат на полициска истрага за мито, корупција и перење пари во Парламентот.
Белгискиот пратеник во Европскиот парламент Марк Тарабела бил на сослушување откако полицијата околу шест часот наутро му тропнала на вратата, јавуваат белгиските медиуми.
Се додава дека полицијата го пребарала неговиот банкарски сеф, како и неколку канцеларии, каде Тарабела беше градоначалник речиси 30 години, објави Гардијан.
Тарабела е вториот пратеник во Европскиот парламент кој е приведен во врска со истрагата за начините на кои Катар и Мароко купуваат влијание во Европската унија. Во декември беше уапсена поранешната потпретседателка на парламентот, Ева Каили, а полицијата потоа заплени 1,5 милиони евра во кеш.
Домот на Тарабела во Брисел беше претресен од полицијата во декември, а минатата недела во Европскиот парламент му беше одземен имунитетот. Се сомничи дека примил поткуп од 120 до 140 илјади евра.
Тарабела беше член на парламентарните делегации за односи со Арапскиот Полуостров. Еден месец пред да избие скандалот, тој учествуваше на дебата на Комитетот за човекови права на која се разговараше за Катар и Светското првенство. Иако не е член на управниот одбор, тој ги критикуваше тамошните претставници кои предупредуваа за смртта на мигрантите кои граделе фудбалски стадиони.
Инспекторите веруваат дека тој е близок соработник на Пјер Антонио Панцери, поранешен италијански пратеник во Европскиот парламент за кој се верува дека бил водач на корупциска мрежа. Панцери неодамна постигна договор со обвинителите за намалување на затворската казна во замена за информации.