По повод Денот на сеќавање на сите жртви од хемиската војна, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жосеп Борел, денеска порача дека никој не смее да користи хемиско оружје, никаде, во секое време и под никакви околности.
Пред 25 години Конвенцијата за хемиско оружје стапи на сила со цел засекогаш да се стави крај и да се елиминира хемиското оружје.
Од 1997 година, над 99 отсто од пријавените залихи на хемиско оружје се проверливо уништени. Сепак, хемиското оружје останува една од најсериозните закани за меѓународниот мир и безбедност.
– И покрај напредокот што го постигнавме, сè уште сме сведоци на ужасните последици од ова грозоморно оружје. Во Сирија предизвика стотици жртви, меѓу кои и деца. Во август 2020 година воениот агенс новичок беше искористен во обид за атентат врз рускиот опозициски политичар Алексеј Навални на територијата на Руската Федерација. Хемиско оружје беше употребено и во Малезија во 2017 година за да се убие полубратот на Ким Џонг-ун, Ким Џонг-нам, и во Велика Британија во 2018 година во обидот за напад врз Сергеј и Јулија Скрипал, што резултираше со смрт на британски државјанин – рече Борел, пренесе „Танјуг“.