Фото: Фејсбук / Бенџамин Нетанјаху

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска побара одложување на судското рочиште во процесот кој се води против него за наводна корупција, наведувајќи ги „регионалните и глобални случувања“ од 12-дневната војна на Израел со Иран, како и континуираните борби во Појасот Газа.

– Со почит го молиме Судот да нареди откажување на рочиштата на кои премиерот требаше да сведочи во следните две недели – напиша адвокатот на Нетанјаху во барањето за одложување. Тој објасни дека Нетанјаху „бил должен да го посвети целото свое време и енергија на решавање на национални, дипломатски и безбедносни прашања од најголема важност“.

Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече судењето на Нетанјаху „лов на вештерки“ и во порака на својата платформа Truth Social напиша дека судењето треба веднаш да се откаже или Нетанјаху – „големиот херој да биде помилуван“ откако ја заврши војната против Иран.

Израелскиот опозициски лидер Јаир Лапид денеска го предупреди Трамп да не се меша во внатрешните работи на Израел.

Нетанјаху е премиер со најдолг стаж во Израел. Тој негира каква било вина на судењето, кое беше одложувано неколку пати од почетокот во мај 2020 година.

Во првиот случај, Нетанјаху и неговата сопруга Сара се обвинети за прифаќање луксузна стока во вредност поголема од 260.000 долари – меѓу другото и пури, накит и шампањ од милијардери во замена за политички услуги.

Во другите два случаја, Нетанјаху е обвинет дека се обидел да издејствува два израелски медиуми поповолно да пишуваат за него.