Американскиот претседател ѝ се обрати на нацијата во Конгресот на САД
Во своето традиционално обраќање до нацијата, американскиот претседател Џо Бајден пред Конгресот зборуваше за состојбата на државата. Очекувано, во неговиот говор на заедничката седница на двата дома на Конгресот доминираше состојбата во Украина, но, истовремено, со големо внимание беше проследено неговото излагање за економските состојби во земјата, особено за тоа како планира да ја скроти инфлацијата, како и тоа како планира да ги врати САД во уште понормална ситуација по пандемијата на ковид-19.
Зборувајќи за состојбата околу Украина, Бајден најави дека САД планираат да ги замрзнат сметките на руските олигарси што го поддржуваат Владимир Путин. За таа цел најави дека Секретаријатот за правда ќе формира работна група што ќе ги истражува сметките на т.н. руски олигарси. Наедно, најави здружена акција со европските сојузници за да се комплетираат сознанијата за олигарсите и да се преземат натамошни мерки.
Наедно, Бајден зборуваше и за мерките што во однос на Русија ги презедоа европските сојузници на САД и најави и дополнителни санкции.
Објавувам дека ќе им се придружиме на нашите сојузници во затворањето на воздушниот простор на САД за сите руски летови, дополнително изолирајќи ја Русија и вршејќи дополнителен притисок врз нејзината економија – рече тој.
Бајден ја објави забраната за летови откако сличен потег беше направен од Канада и Европската Унија претходно оваа недела.
Сепак, најголемо внимание во овој дел од излагањето, Бајден предизвика кога зборуваше за ангажманот на американските војници распоредени во Европа. Тој се обиде да ги смири загрижените граѓани поради новонастанатата ситуација, повторувајќи дека САД нема да испраќаат војници во Украина.
Сакам да бидам јасен, нашите сили не се ангажирани и нема да се вклучат во конфликт со руските сили во Украина. Наместо тоа, американски војници се распоредени во Европа, не за да се борат во Украина, туку за да ги бранат нашите сојузници во НАТО во случај Путин да одлучи да продолжи да се движи кон запад – рече американскиот претседател, кој во соработка со сојузниците испрати повеќе од една милијарда долари воена, економска и хуманитарна помош за Украина.
Во годишното обраќање, Бајден се осврна за состојбата во нацијата и за начините за заживување на економијата.
Нашата економија создаде над 6,5 милиони нови работни места само минатата година, повеќе работни места создадени за една година од кога било досега во историјата на Америка. Нашата економија порасна со стапка од 5,7 отсто минатата година, што е најсилен раст во последните 40 години, прв чекор во донесувањето фундаментални промени во економијата, која предолго не функционира за работниците на оваа нација – изјави претседателот.
Тој зборуваше и за начините за борба против инфлацијата.
Имам подобар план за борба против инфлацијата. Намалете ги трошоците, а не платите. Направете повеќе автомобили и полупроводници во Америка. Повеќе инфраструктура и иновации во Америка. Повеќе стоки се движат побрзо и поевтино во Америка. Повеќе работни места каде што можете да заработите добар живот во Америка. И, наместо да се потпираме на странски синџири на снабдување, да го направиме тоа во Америка – изјави претседателот, при што наиде на овации.
Бајден акцентот за обновата на нацијата го насочи кон инвестиции во инфраструктурата.
Вечерва најавувам дека оваа година ќе започнеме да поправаме над 65.000 милји автопат и 1.500 моста што се во фаза на распаѓање. Кога користиме долари од даночните обврзници за обнова на Америка, ќе купиме американски: ќе купиме американски производи за поддршка на американските работни места – рече Бајден.
Тој порача дека федералната влада троши околу 600 милијарди долари годишно за да ја одржи земјата безбедна.
Осврнувајќи се на пандемијата на ковид-19, Бајден рече дека администрацијата што ја предводи овозможила, како што истакна, стотици милиони бесплатни тестови за коронавирусот.
Годишното обраќање во Конгресот го заврши со зборовите: „Состојбата во нацијата е силна – затоа што вие, американскиот народ, сте силни! Денеска сме посилни отколку пред една година. И за една година отсега ќе бидеме посилни отколку денес. Сега е нашиот момент да ги надминеме предизвиците на нашето време“, истакна претседателот Бајден.
ЕУ одобри нови санкции
Европската Унија развива четврти пакет санкции против Русија поради нејзината воена операција во Украина, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг.
Веќе воведовме силни санкции. Работиме на четвртиот пакет. В петок ќе има специјален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ со американскиот државен секретар Ентони Блинкен – рече тој.
Според шефот на австриската дипломатија, новите санкции ќе ги погодат големите бизнисмени.
Се подготвуваат посебни списоци. Следната главна цел ќе биде, така да се каже, врвот, олигарсите. Работиме, веќе има нови списоци – рече Шаленберг.
Истовремено, Европската Унија воведе нови санкции против Белорусија поради нејзината улога во руската инвазија врз Украина, соопшти француското претседателство со Советот на ЕУ.
Корепер (комисијата на постојани претставници) штотуку одобри санкции против белоруски функционери и воен персонал вклучени во руската агресија врз Украина – соопшти француското претседателство.