Бизнисменот и милијардер Роман Абрамович, клучен човек во руско-украинските преговори

Ако тоа што рускиот бизнисмен и милијардер Роман Абрамович, кој беше санкциониран од Западот поради блиските врски со рускиот претседател, се појави во преговарачкиот процес помеѓу Украина и Русија беше силно изненадување за јавноста, сега веќе дефинитивно не е така. Абрамович редовно присуствува на мировните преговори меѓу делегациите на Русија и на Украина. Никој засега не е толку прецизен за неговото својство во рамките на процесот на преговорите. Роман Абрамович можеби не седи на главната преговарачка маса, но по сѐ изгледа дека е главната спојка помеѓу преговарачките страни

Пиарот на Абрамович, како и секогаш, одработи брилијантно

Деновиве особено многу се дебатираше по светските медиуми дека Абрамович наводно бил отруен – заедно со високи украински преговарачи – на мировните преговори на границата меѓу Украина и Белорусија на почетокот на март. „Волстрит журнал“ објави дека тој и двајца украински преговарачи имале симптоми што укажуваат на можно труење, кои вклучуваат црвени очи, постојано и болно кинење и лупење на кожата на лицето и рацете. Потоа, „Ројтерс“ цитираше неименуван американски функционер дека разузнавачките податоци сугерираат дека симптомите што ги почувствувале Роман Абрамович и двајцата украински мировни преговарачи биле резултат на „влијанија од околината“, а не на труење. Безбедносниот аналитичар на Би-би-си, Френк Гарднер, рече дека тоа објаснување му било чудно, особено затоа што никој друг од групата немал симптоми. Истражувачката новинарска група „Белингкет“ тврди дека симптомите се карактеристични за намерна употреба на хемиски агенс.
И на крајот како изненадување, медиумите јавија дека Абрамович и покрај симптомите што ги имал дошол на мировните преговори меѓу руската и украинската делегација во Турција. Секако, останува да се види што е на крајот вистина во целиот овој случај.

Чиј човек е Абрамович, на Западот или на Путин?

Она што е под сериозен прашалник, сепак, е поврзаноста на Абрамович со Путин.
Минатата година Абрамович го тужеше Харпер Колинс за клевета поради книгата „Луѓето на Путин“ од Кетрин Белтон, во која се тврди дека рускиот претседател му наредил да го купи Челзи. Двете страни се решија надвор од судот, а издавачот се согласи да објави некои појаснувања.
Но врските на Абрамович со Путин сè уште го следат, особено сега со руската инвазија на Украина. Кога беше објавено замрзнувањето на британскиот имот на Роман Абрамович и на шест други олигарси, министерката за надворешни работи Лиз Трус рече: „Со нивните блиски врски со Путин, тие се соучесници во неговата агресија. Крвта на украинскиот народ е на нивните раце“.
И покрај сите контроверзии што го следат, сепак, се чини, Роман Абрамович, во разговорите со Украина бил неофицијален пратеник на рускиот претседател Владимир Путин. Така барем тврдат некои од британските медиуми, кои укажуваат дека минатата среда тој летал од Истанбул до Москва и назад, за да му ја пренесе на Путин рачно напишана белешка од украинскиот претседател Володимир Зеленски, во која тој ги наведува условите на Украина за завршување на војната.
Од друга страна, пак, полски и британски новинари тврдат дека Абрамович неодамна со воз допатувал во Полска, за да се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, како специјален пратеник на Путин, се разбира, надвор од официјалниот протокол. Велат дека за таа пригода Абрамович го користел својот португалски пасош, а со возот дошол од Украина, каде што наводно имал средба со украинскиот претседател Зеленски.

Врските на Абрамович со Украина: потекло, роднински и емотивни врски, бизнис-конекции…

Роман Абрамович, кој го заработи своето богатство во постсоветската приватизација, првенствено е мотивиран од сопствените интереси, но се чини дека му верува и украинскиот претседател Зеленски. Дека тоа е така сведочи и изјавата на Зеленски, кој меѓу другото рече дека некои руски бизнисмени понудиле финансиска помош за Украина и нејзината армија. Зеленски рече дека добил сигнали од неколку руски бизнисмени, меѓу кои и милијардерот Роман Абрамович.
Извори на „Тајмс“ велат дека Абрамович, откако лично бил сведок на последиците од војната во Киев, е решен да помогне да се стави крај на војната. Мајката на Абрамович, Ирина, е родена во Украина, а неговата ќерка Софија јавно се спротивстави на руската инвазија.
И Велика Британија и Европската Унија воведоа остри санкции против Абрамович поради неговите врски со Владимир Путин и ги замрзнаа средствата под нивна јурисдикција. Но САД не воведоа санкции за рускиот милијардер. Како што објави „Волстрит журнал“ во средата, Зеленски побарал од американскиот претседател Џо Бајден да не го санкционира Абрамович затоа што верува дека тој може да посредува во мировните преговори меѓу Украина и Русија.

Зошто аналитичарите сметаат дека Абрамович може да помогне да се приближат
позициите

Во врска со учеството на Роман Абрамович во мировните преговори во Истанбул побаравме мислење од наши аналитичари, кои го следат развојот на настаните. Генералот Методи Хаџи Јанев, офицер со богато воено, дипломатско и академско искуство, доктор на науки по меѓународно право и меѓународни односи, присуството на Абрамович го гледа од посебен агол.
– Мислам дека со вклучувањето на Роман Абрамович, Русија, поточно Владимир Путин сака да испрати порака какво е неговото мислење за целата оваа ситуација. Мислам дека Путин, всушност, му одговара на Западот дека не го гледа сериозно, со тоа што им испраќа олигарх, кој нема никаков дипломатски багаж, како преговарач, без разлика што не е во официјална делегација. Јас го толкувам тоа како да им вели на западните политичари: „Е, сега ќе играме по мое, по мои правила на игра“. Всушност тој сака да им се одмазди затоа што од 2008 година се обидува да им каже едно исто, но тие не го слушаа. „Е сега ќе ме слушате“, како да им порача Путин со своите последни постапки во кои го гледам и вклучувањето на Абрамович во преговорите. Да потсетам само дека пред некој ден Русија им наложи на земјите должници своите долгови, а пред сѐ набавката на нафта и гас да ја плаќаат во рубли. Очигледно, Путин сега како да им вели на западните политичари: „Ќе плаќате, што ќе ми правите, нема белки да се тепаме? Ако сакате, дојдете, ве чекам“. Колку и да изгледа несериозно, сепак мислам дека целата оваа ситуација може токму така да се протолкува, како сериозен предизвик од страна на Путин. Можеби за нас е сето тоа неразбирливо, несериозно, не можеме да го свариме, но сите последни постапки зборуваат во тој правец – вели Хаџи Јанев.
Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски има свое видување за местото и улогата на рускиот милијардер.
– Руските олигарси, но и западните капиталисти, кои неправедно не ги нарекуваме олигарси, имаат непропорционално влијание во општеството и политиката. Во ерата на глобализација, која заврши на 24 февруари 2022 година, овие олигарси имаа пристап до клучните политичари во светот и до сите меѓународни институции, така што за мене е логично во еден ваков суров конфликт да се користат услугите на секој што може да помогне.
За Роман Абрамович првпат слушнавме како за личен пријател на ќерката на Борис Елцин, но и како еден од растечките руски бизнисмени што ја поддржаа и ја финансираа втората кандидатура на Елцин, за потоа да станат олигарси кога Русија ги распродаваше природните богатства од 1995 година. Потоа тој се прочу и со купувањето на фудбалскиот клуб Челзи, но стана и редовен на сите средби на богатите и моќните, како на пример на годишната средба во Давос и слично. Оттука, тој сигурно има бизнис-интереси во Украина, Русија, но и на Западот, ги знае многу добро сите играчи, па затоа претпоставувам дека може да помогне да се приближат позициите, да се најде заеднички јазик и да се дојде до конечен и траен мир – вели Боцевски.
Тој наедно додава дека токму на овој пример јасно се гледа дека во тие највисоките кругови на политиката, ние како глобална јавност, ретко имаме увид што навистина се случува и затоа се изненадуваме кога ќе дојде некоја ваква ситуација.


Кој е Роман Абрамович

Роман Аркадиевич Абрамович е роден во 1966 година во Саратов, југозападна Русија, на неколку стотици километри од границата со Украина. Неговата мајка Ирина починала од труење со крв кога тој имал една година, а татко му починал две години подоцна по несреќа со градежен кран. Потоа, Абрамович беше згрижен и воспитуван од роднини. Живеел во Коми, најстудениот северозапад од Русија, во мошне оскудно опкружување.
Го напуштил училиштето на 16-годишна возраст, работел како механичар и служел во Црвената армија. Потоа бил продавач на пластични играчки во Москва, па потоа на парфеми и дезодоранси. Распадот на Советскиот Сојуз, а со тоа и државната команда над рудното богатство, обезбеди повеќе можности, а во средината на 1990-тите години, Абрамович, со одредена помош, (за која и самиот признава пред суд во Велика Британија), ја купи нафтената компанија „Сибнефт“ од руската влада на наместена аукција во 1995 година за околу 250 милиони долари. Тој ѝ ја продаде назад на Владата за 13 милијарди долари во 2005 година. Тој стана сојузник на претседателот Борис Елцин и играч на постсоветската политичка сцена во Москва.
Кога Елцин поднесе оставка во 1999 година, Абрамович наводно бил меѓу оние што го поддржувале премиерот и поранешен шпион на КГБ, Владимир Путин, како негов наследник. Кога Путин дојде на власт, Абрамович беше избран за гувернер на сиромашниот регион Чукотка, во североисточниот дел на Русија. Популарноста ја стекна откако ги вложи сопствените пари во социјалните услуги, но се повлече во 2008 година.
Во необичен потег за човек што нашироко го опишуваат како тивок, дури и срамежлив, Абрамович стана познат во фудбалскиот свет во 2003 година кога го купи Челзи, најголемиот клуб во западен Лондон, во бизнис вреден 140 милиони фунти. Под водство на Жозе Мурињо и други, богатството на Абрамович му помогна на Челзи да освои пет Премиер-лиги, две Лиги на шампионите и пет ФА-купа.
Финансискиот медиумски гигант „Блумберг“ го проценува богатството на Абрамович на 13,7 милијарди долари, што го става на 128-то место на листата на најбогати во светот. Ривалот на „Блумберг“, „Форбс“, го става на 12,3 милијарди долари и 142-то место меѓу најбогатите.

Подготвил: Марјан Велевски