Неделава НАТО ќе ја спроведе најголемата воздушна вежба во историјата на Алијансата. Наречена е „Ер дефендер 23“, започнува денеска и ќе трае десет дена, со учество на околу 10.000 учесници и 220 воени авиони од 25 земји-членки и партнери на Северноатлантскиот договор.
Тоа е најзначајната воена вежба некогаш изведена на европското небо и претставува најобемна вежба за распоредување на воздухопловните сили во историјата на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО). Целта на оваа голема воена вежба е да се создаде сценарио што вклучува операции за воздушно војување за пријателските и сојузничките воздушни сили. „Ер дефендер 23“ има цел да ја подобри и оптимизира соработката меѓу силите на НАТО и да ја демонстрира силата на Алијансата, а вежбата исто така ќе послужи како можност за процена на заедничкиот одговор на хипотетичка вонредна состојба. За време на оваа вежба, Германија ќе дејствува како центар на колективната одбрана на европскиот воздушен простор.
Вежбата ќе биде од одбранбен карактер, но има цел да испрати порака, особено до Русија, изјави за новинарите американската амбасадорка во Германија, Ејми Гутман.
Вежбата е планирана за 2018 година, иако таа не е насочена „против никого“, изјави генералот Инго Герхарц, командант на германските воздухопловни сили. „Ние сме одбранбена алијанса и вежбата е така дизајнирана“, додаде тој.
– Оваа вежба е наменета да го дополни тековното присуство на Соединетите Американски Држави во Европа и да обезбеди обука на повисоко ниво од она што вообичаено се спроведува на континентот – рече генералот Мајкл Лох, директор на американската воздушна Национална гарда.
Засега не се планира „Ер дефендер 23“ да биде редовна вежба, рече Гутман. Но „не сакаме да биде последна“, додаде таа.
Запрашан за можното нарушување на цивилниот воздушен сообраќај за време на вежбата, генералот Герхарц истакна дека планерите направиле „сè што е во нивна моќ“ за да спречат одложувања и откажувања на летовите бидејќи започнуваат училишните празници во некои делови на Германија.