Мирот никогаш не можеме да го земеме здраво за готово, но не гледаме никаква непосредна воена закана за Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата по завршувањето на заседанието на Северноатлантскиот совет во Брисел, на кое учествуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
– НАТО продолжува да гарантира дека нема простор за погрешни калкулации во Москва околу нашата подготвеност да ги заштитиме сите сојузници – истакна Столтенберг.
Тој потенцира дека зајакнувањето на способноста на НАТО за одвраќање и одбрана бара снабдување со ресурси за одбранбените планови и зајакнување на трансатлантска одбранбена индустриска база, за што се потребни инвестиции и Алијансата е на вистинскиот пат кон остварување на таа цел.
– Очекувам 18 сојузници да потрошат два отсто од својот БДП за одбрана оваа година. Во 2024 година, европските сојузници на НАТО ќе инвестираат вкупно 380 милијарди американски долари во одбраната. Првпат тоа изнесува 2 отсто од нивниот вкупен БДП. До крајот на 2024 година, европските сојузници и Канада ќе одвојат повеќе од 600 милијарди долари за одбрана. Имаме уште да сториме, но веќе направивме историски напредок – оцени Столтенберг.
Тој додаде дека на средбата станало збор и за зголемување на производството на муниција, надополнување на залихите и продолжување на поддршката на Украина,
– Треба да се префрлиме од бавното темпо на мирновременски услови, кон производството со високо темпо што го бара конфликтот. За да го направат тоа, на производителите им требаат потпишани договори, а само во изминатите неколку месеци НАТО склучи договори во вредност од десет милијарди долари. Ова и помага на Украина. Тоа го прави НАТО посилен и обезбедува повеќе висококвалификувани работни места во Европа и Северна Америка – рече Столтенберг.
Тој потсети дека во тек е вежбата „Непоколеблив бранител“, како најголеми воени маневри на НАТО во последните децении со учество на приближно 90.000 сили од сите 31 членка на Алијансата и Шведска, со што се докажува способноста на силите низ Пактот да го одбранат источното крило.
Столтенберг додаде дека во рамка на министерскиот состанок се одржа и заседание на Советот НАТО-Украина на кое украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров ги информирал своите колеги за најновите случувања на теренот.
Министрите се осврнале и на важноста на континуирана поддршка на Украина и од тој аспект ја посочи најавената помош од Канада, Финска и Норвешка, доставата на опрема и резервни делови за авионите Ф-16 и за противвоздушната одбрана, како и испораката еден милион беспилотни летала за земјата и формирањето „коалиција за деминирање“ на украинската територија.
– Сето ова ќе помогне да се спасат животи на Украина. Заедно, сојузниците на НАТО испорачуваат 99 отсто од целата воена помош за Украина. Нашата континуирана посветеност е од суштинско значење за зачувување на слободата на Украина – потенцира Столтенберг.
Генералниот секретар на Алијансата информира и дека е донесена одлука создавање нов заеднички центар за анализа, обука и едукација НАТО-Украина во полскиот град Бидгошч.
– Тој ќе и овозможи на Украина да ги сподели лекциите научени од војната во Русија и ќе создаде структура за украинските сили да учат и тренираат заедно со нивните сојузнички колеги. Ќе продолжиме да стоиме со Украина. За украинската безбедност и за нашата – додаде Столтенберг.