Фото: Пекселс

Неодамна вселенскиот телескоп Џејмс Веб на НАСА направи извонредно откритие, кое го нарече ГЈ1214 б – далечна планета надвор од нашиот Сончев систем. Оваа форма на планета – која влегува во класата Мини-Нептун – ја има во изобилство во галаксијата, но ништо не се знае за неа, пишува „Интерестинг енџиниринг“.

Атмосферата на Мини-Нептун е жешка и не наликува на ништо друго во нашиот Сончев систем. Површината на планетата е исклучително рефлектирачка и покриена со густа магла или слој од облаци. Откритието ја истакнува способноста на телескопот, кој може да гледа светлосни бранови должини надвор од опсегот на електромагнетниот спектар достапен за човечкото око. Додека планетата кружеше околу ѕвездата, истражувачкиот тим успеа да создаде еден вид „топлинска мапа“ на планетата. Дневната и ноќната страна на мапата беа видливи, откривајќи информации за составот на атмосферата. Тимот го следеше ГЈ1214 б низ речиси целиот негов циклус околу ѕвездата, „фаќајќи“ го моментот кога светлината на ѕвездата – домаќин се филтрира низ атмосферата на оваа мини-планета.

Планета богата со вода

Главниот автор на новата студија, водечкиот истражувач од Универзитетот во Мериленд, Елиза Кемптон, тврди дека планетата е целосно покриена со магла или слој од облаци. Доколку на планетата навистина има многу вода, истакна таа , можеби ќе формираше „воден свет“ со многу ладни водени елементи.
Иако планетата е премногу жешка за да „крепи“ океани со течна вода, нејзината атмосфера може да содржи значителна количина на водена пареа.

-Планетата е целосно покриена со некаков вид на магла или слој од облаци – рече Елиза Кемптон, додавајќи дека се до ова набљудување, атмосферата била целосно скриена за научниците.

Температурата на планетата варира помеѓу 279 и 165 степени Целзиусови, што покажува дека атмосферата на ГЈ1214 б не се состои примарно од полесни молекули на водород, а само атмосфера составена од потешки молекули, како вода или метан, кои изгледаат идентично кога се гледаат од телескопот на НАСА, може да предизвика толку значајна промена. Ова сознание можеби го има клучот за разбирање на историјата, формирањето, а можеби и водениот почеток на планетата.

Значење на откритието

Новите наоди би можеле да овозможат да се дознае повеќе за еден вид планета закопана во мистерија. Во галаксијата, планетите од класата Мини-Нептун, вообичаено наречени под-Нептуни, се најраспространетиот вид планети. Но, со оглед на фактот дека не постојат во нашиот Сончев систем, тие остануваат мистерија за нас. Според извршените мерења, тие личат на помал двојник на нашиот Нептун. Ова е отприлика се што засега знаеме. Ќе бидат потребни и дополнителни набљудувања за да се дознае повеќе за ГЈ1214 б и креативните процеси на другите планети од класата Мини-Нептун.

Подготви: Валбурга Батева Николоска