Според објаснувањето на Комитетот, Наргес Мохамади ја добила наградата за нејзината борба против репресијата на жените во Иран, како и за нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите.
Мохамади е еден од водечките активисти за човекови права во Иран кој се бори за правата на жените и за укинување на затворските казни. Таа е заменик директор на Центарот за одбрана на човековите права, основан од нобеловецот Ширин Ебади.
Мохамади е осудена на повеќекратни затворски казни од 2011 година и моментално се наоѓа во озлогласениот затвор Евин во Техеран поради „ширење пропаганда“.
Берит Рајс Андерсен во име на норвешкиот Нобелов комитет изјави дека „режимот“ 13 пати ја апсел лауреатката и ја осудил на вкупно 31 затворска казна. Храбрата борба на Наргес Мохамади имаше голема лична цена – изјави Рајс Андерсен.
„Би-би-си“ потсетува дека наградата за мир беше доделена на ирански активист, по повеќе од една година протести во Иран поради смртта на Махса Амини во затвор.
Сликите на Иранки кои пркосно ги палат своите шамии и извикуваат „жени, живот, слобода“ го освоија светот, оценува британскиот јавен сервис, истакнувајќи дека властите ги задушија протестите, кои потоа згаснаа.
Наргес Мохамади е деветнаесеттата жена што ја добива наградата во последните 122 години и втора Иранка, по Ширин Ебади, која стана нобеловка во 2003 година. Таа беше наградена со наградата Андреј Сахаров во 2018 година.
Нобеловата награда, вредна околу еден милион долари, ќе биде доделена во Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на Алфред Нобел.